|
За да поставите прашање кликнете овде |
|
|
Министерот за економија Фатмир Бесими го промовираше проектот Едношалтерски систем - фаза 2 Скопје 07.07.2010
Министерот за економија г-дин Фатмир Бесими денеска го промовираше проектот Едношалтерски систем - фаза 2, кој се надоврзува на проектот Едношалтетски систем - фаза 1, кој беше имплементиран во 2006 година, а со кој се овозможи регистрација на компании и други правни лица на едно место. Реализација на овој проект претставуваше почеток на нова ера во деловниот живот во Македонија, придонесувајќи кон значително забрзување на постапката за регистрација на компании.
Со имплементацијата на ЕШС - фаза 2, кој ќе ги вклучи и Агенцијата за вработување на Република Македонија, Фондот за здравствено и Фондот за пензиско осигурување, се очекува да се изврши значително подобрување на деловното опкружување во Република Македонија, зголемување на интересот на странските ивеститори за започнување бизнис во земјата, како и зголемување на ефикасноста на јавната админинстрација како сервис на деловната заедница.
Министерот Бесими истакна дека Министерството за економија, во соработка со Светска Банка, преку проектот БЕРИС, во изминатите неколку години работеше напорно на воспоставување на круцијални инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на општата бизнис клима во земјата: „Централниот регистар е еден од најпосветените институтционални партнери на Министерството за економија во напорот за подигање на квалитетот на деловното окружување и претставува вистински сервис на деловната заедница. Втората фаза на Едношалтерскиот систем, претставува еден од најголемите реформски и инфраструктурни проекти кој го превзема Владата на Република Македонија и, искрено се надевам, дека со имплементацијата на овој проект Република Македонија повторно ќе биде рангирана како една од најреформските земји, согласно индикаторите на Doing Business на Светска Банка”.
Проектот се состои од три компоненти и тоа: електронско поднесување на документи при регистрација на правни лица и поврзување со АВРМ, ФЗО и ПИОМ, воведување на ’црна листа’ на субјекти и електронски систем за стечајни постапки и електронски систем за регистрација на залог и лизинг. Проектот, меѓу другото, ќе овозможи регистрација на трговско друштво во Република Македонија од странство, без физичко присуство во земјата, ќе обезбеди проширување на палетата институции кои електронски разменуваат податоци во поглед на правните лица, воведување на светски признати стандарди за размена на податоци на меѓуинституционално ниво, воведување на електронско поднесување и плаќање за услуги, зголемување на степенот на транспарентност на стечајните постапки и стапките на поврат на инвестирани средства во правни лица, како и електронско поврзување со нотаријатот и зголемување на ефикасноста во поглед на доделување на средства по основ на договори за залог и лизинг. |
|
|
|
|
|