Дефинирани конкретни проекти за соработка на првата седница на Мешовитата комисија меѓу Македонија и Словачка

23.02.2016 13:46:42

 

Нови правци на соработка и конкретни проекти произлегоа од дводневните разговори од  првата седница на Мешовитата комисија, чиј домаќин беше Република Македонија, а се одржа врз основа на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање за економска соработка меѓу министерствата за економија на Република Македонија и Словачка Република.

Резултатите од првата седница на Мешовитата комисија беа содржани во Протоколот кој го потпишаа заменик министерот за економија Христијан Делев и неговиот словачки колега Растислав Чованец, како претседавачи на двете страни.  

Имено, четирите работните групи - за енергетика, за инвестиции, за индустрија и за земјоделство - во изминатите два дена договорија насоки за идна соработка меѓу двете држави, при што во делот на индустријата се предложи зајакнување на соработката преку потпишување на Меморандум за соработка меѓу националните кластер асоцијации за вино, текстил, автомобилска индустрија, ИТ сектор.

„Словачка Република има огромен потенцијал, посебно во делот на автомобилската индустрија, со оглед на веќе присутните марки „пежо“, „фолксваген“, „КИА“, а наскоро се очекува и влез на „јагуар“, што за нас отвара нови форми за взаемна соработка. Договоривме наскоро македонските деловни субјекти кои произведуваат делови за автомобилската индустрија, да ги претстават таму своите деловни можности за да се утврдат можностите за соработка. Воедно, изразивме желба за размена на искуства во делот од искористување на европските фондови, во кој словачката страна има одличен процент на искористеност“, истакна Делев.

Во делот на енергетиката, беше изразен интерес за проекти наменети за развој на геотермална енергија и мониторинг на енергетска ефикасност. Очекуваме активна соработка во тој сегмент, за размена на најдобри практики за примена на ефективни финансиски механизми за поддршка на проекти за енергетска ефиаксност и енергетска заштеда. Воедно, македонската страна ги презентираше планираните инвестиции во гасната инфраструктура, развој и реконструкција на далеководниот систем, термоелектраните и централите на биогас.

„Посебно се радувам што на овој прв состанок дефинираме и проекти и фирми за понатамошна соработка. Со оглед на нашата експертиза и искоство во енергетските проекти, заинтересирани сме за учество на јавните повици, особено во делот на термоцентралите, хидроцентралите и далекуводите, како и за можностите за изградба на централи на биогас. Искрено се надевам дека на вториот состанок на оваа Мешовита комисија, чии домаќини треба да бидеме ние, веќе ќе бидеме и во фаза на реализација на овие проекти“, рече Чованец.

Во делот на инвестиции, беа презентирани условите за инвестирање во Македонија, како и поволностите кои ги нудат ТИРЗ-овите, индустриските и зелените зони и можностите за браунфилд инвестиции, а потенцијалните инвеститори од Република Словачка беа охрабрени да инвестираат во Македонија.

И, во земјоделскиот сектор, македонската страна изрази интерес за учество на словачкиот пазар и добра промоција на виното, како и свежото и обработено овошје и зеленчук. И словачките производители имат интерес да се шират на македонскиот пазар со традиоционални продукти, особено од млечниот сектор. Беше иницирано склучување на Меморандум за соработка во земјоделството, ветерината и безбедност на храна, а постои взаемен интерес за идна соработка помеѓу институтите за истражување во областа на растително и животинско производство, преработка на храна, како и соработка меѓу службите за ветерина и храна, за размена на искуство и знаење во безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна заштита, како и рурален развој.  

Скопје, 23.02.2016