Нема застој на албански камиони на македонско-албанската граница

11.04.2016 14:28:39

 Во врска со шпекулациите на одредени медиуми за застој на албански камиони со свежи зеленчук и овошје на македонската граница со Република Албанија и наводно прекршување на одредбите од ЦЕФТА договорот, Министерството за економија информира дека трговската размена меѓу двете земји се одвива согласно функционирањето на ЦЕФТА, односно според информациите добиени од Државниот инспекторат за земјоделство нема застој на албанските камиони, туку само позаострена контрола на преминот.

По постојаната комуникација во текот на викендот на министерот за економија Дритон Кучи со албанските колеги задолжени за ресорите економија и земјоделство,  Амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија,  како и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, во текот на денешниот ден добивме информација и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство дека поради сомнение за зголемена количина на пестициди во земјоделските производи, засилена контрола била извршена на 8 камиони, од кои 4 се веќе пуштени.

Имено, согласно ЦЕФТА договорот, доколку постои сомнеж дека во увезените производи има пестициди, се дава можност за забрана или ограничување на увозот/извозот или транзитот на стоки, до соодветното испитување (член 17). Тоа подразбира обезбедување на потврда од овластени акредитирани лаборатории во Република Македонија или преку претходно доставен доказ на граничните служби во Република Македонија, од страна на  овластена и меѓународно признаена акредитирана лабораторија од Република Албанија. Согласно ЦЕФТА, овој тип на забрани или ограничувања не претставуваат средство за самоволна дискриминација или прикриено ограничување на трговијата помеѓу страните.

Да потсетиме, Република Македонија активно учествува во активностите за олеснување на трговијата на ЦЕФТА земјите, а еден од приоритетите на програмата на ЦЕФТА за 2016 година е активноста околу преговорите за трговски олеснувања, која треба да резултира со потпишување на Дополнителен Протокол 5, по неговото усогласување од страна на сите ЦЕФТА страни (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдова, Црна Гора, Србија и Косово). Процесот е започнат во октомври 2015 година и треба да заврши во првата половина од оваа година, до одржување на Самитот во Франција, како обврска од Заедничката декларација на премиерите на Западен Балкан од минатогодишниот Самит во Виена.

Со Протоколот, ЦЕФТА страните треба да работат на меѓусебно следење на царинските постапки и можностите за олеснување на трговијата во сите форми на гранично преминување, особено истакнувајќи ја потребата за размена на царински и други податоци пред пристигнување на стоката на граничниот премин.