С О О П Ш Т Е Н И Е

13.02.2017 15:47:41

Министерството за економија известува дека заклучно со 13.02.2017 година (15:00 ЧАСОТ) пристигнати се 365 барања за надоместување на дел од трошоците по Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година, објавен на 31.01.2017 година на веб страната на Министерството за економија и во дневните весници „Дневник“ и „Коха“.

Притоа, за оваа намена во Буџетот на Министерството за економија за 2017 година обезбедени се средства во износ од 20.000.000 денари, а доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „ПРВ ДОЈДЕН, ПРВ УСЛУЖЕН“, сѐ до искористување на средствата.

Потсетуваме дека со оваа стимулативна мерка се надоместуваат дел од трошоците во износ од 50% од вкупната инвестиција, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство.  Имајќи го предвид горенаведеното, произлегува дека доколку сите баратели, кои поднеле комплетна документација, го остварат право на надомест во максималниот износ од 500 евра, со обезбедените средства ќе бидат субвенционирани најмалку 635 домаќинства.  Со оглед на тоа што се очекува различен износ на инцестиции од страна на домаќинствата, а со тоа да не биде искористен максималниот износот на субвенцијата, според очекувањата на Министерството за економија со мерката ќе се поддржат околу 700 домаќинства. 

Што се однесува до условите, потсетуваме дека право на учество на овој јавен оглас ќе имаат купувачите кои имаат купено и вградено во своите домови ПВЦ или алуминиумски прозорци со кои ќе ги заменат старите дрвени прозорци, по денот на објавувањето на Јавниот оглас. Покрај ова, барателите треба да ги достават и следните документи:

·         Пополнет образец за барање за искористување на правото на надоместок, кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството: www.economy.gov.mk,

·         доказ во оригинал дека е извршено купувањето на ПВЦ или алуминиумски прозорци,  и тоа: фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршено плаќање за производот односно услугата, издадени по денот на објавувањето на огласот.

·         Кон барањето потребно е барателот да ја достави и следната документација: фотокопија од лична карта на барателот, податоци за трансакциската сметка на барателот и фотографии во боја од секој дрвен прозорец кој се заменува во домот и фотографии во боја од секој  ПВЦ или алуминиумски прозорец кој се  вградува во домот (пред и потоа).