Министерството за економија денеска ќе го објави нацрт текстот на новиот предлог закон за енергетика

07.12.2017 14:00:15

Скопје, 07.12.2017

Со цел навремено и транспарентно информирање на јавноста, Министерството за економија ве информира дека нацрт текстот на предлог законот за енергетика денеска ќе биде објавен на електронската страница на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија ЕНЕР www.ener.gov.mk и на веб страницата на Министерството за еконимија www.economy.gov.mk.

Заради вклучување на пошироката јавност – деловни субјекти, универзитети и научна јавност, државни институции, инспекциски тела, експерти од областа на енергетиката и медиуми - Министерството за економија во текот на идната недела ќе организира стручни јавни расправи, на кои сите засегнати страни ќе имаат можност да дадат свое мислење и придонес во креирање на што поквалитетен финален текст на новиот предлог закон, пред тој да биде претставен пред Енергетската заедница и пред да влезе во владина процедура.

Потребата за носење на нов закон за енергетика произлегува од обврската која Република Македонија ја има од третиот пакет директиви/регулативи за енергетика на Европската Унија, како  држава потписник на Договорот за воспоставување на Енергетската заедница, со кој се преземени бројни обврски, меѓу другото и за усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ.

Претходно, на 30 ноември 2017 година,  преку известување на  Единствениот национален  регистар  на прописи, јавноста е информирана за процесот на почеток на подготовка и за целите на предлог законот.