Министерството за економија стартуваше со мерките за субвенции за соларни колектори и ПВЦ/алуминиумски прозорци во домаќинствата

04.04.2018 14:17:42

Скопје, 04.04.2018  Започна аплицирањето на домаќинствата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци и за купени и вградени сончеви термални колекторски системи, двете преостанати мерки од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, чиј носител е Министерството за економија. Огласот за овие субвенции е објавен на 30 март и ќе трае до крајот на август, но доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена.

Така, за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство за 2018 година обезбеден е буџет во износ од 30.000.000 денари. Надоместокот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе можат да го остварат лицата кои во своите домови имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци, во периодот од денот на објавувањето на јавниот оглас, под услов купувачот да го нема искористено правото на поврат на дел од средствата за обезбедување и вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци во својот дом врз основа на минатогодишниот јавeн повик на Министерството за економија. Покрај пополнетиот образец за барање, кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството, треба да се достави доказ во оригинал дека е извршено купувањето на ПВЦ или алуминиумски прозорци (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршено плаќање за производот/услугата, издадени по денот на објавувањето на огласот), фотографии во боја од секој дрвен прозорец кој се заменува во домот и фотографии во боја од секој ПВЦ или алуминиумски прозорец кој се вградува во домот (пред и потоа), фотокопија од лична карта и податоци за трансакциската сметка на барателот.

Во однос на мерката која предвидува надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2018 година, која се спроведува по деветти пат, буџетот изнесува 6 милиони денари. Условите остануваат исти како и претходните години, односно се надоместуваат до 30% од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство.

За оваа мерка можат да аплицираат сите домаќинства кои имаат купено и вградено во своите домови колекторски систем во периодот на времетраење на јавниот оглас, а притоа го немаат искористено правото на поврат на дел од средствата за оваа намена врз основа на претходните јавни огласи на Министерството за економија објавени во 2007, 2009, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година. И за оваа мерка доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена, а за аплицирање се доставуваат пополнет образец за барање, доказ во оригинал дека е извршено купувањето на ПВЦ или алуминиумски прозорци (фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршено плаќање за производот/услугата, издадени по денот на објавувањето на огласот), фотокопија од лична карта и податоци за трансакциската сметка на барателот.

Барањата за искористување на правото на надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да се достават во затворен плик до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15 по пошта, или во архивата на министерството, секој работен ден од 9:30 до 15:00 часот, со назнака за огласот за кој се аплицира.