ИЗВЕСТУВАЊЕ - Министерството за економија ги известува економските оператори (трговците на мало и трговците на големо) кои имаа обврска да ги почитуваат одлуките поврзани со коронавирусот COVID-19

16.06.2020 14:24:11

 

Министерството за економија ги известува економските оператори (трговците на мало и трговците на големо) кои имаа обврска да ги почитуваат одлуките поврзани со коронавирусот COVID-19, дека по завршувањето на траењето на вонредната состојба на територијата на Република Северна Македонија, ќе престанат да важат следните одлуки:

 

1.       Одлука за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, објавена во (Службен весник на РСМ бр. 70/20 и 90/2020),  со што престанува да важи обврската на ограничување извоз на пченица и наполица со тарифните ознаки 1001 19 00 00, 1001 91 90 00 и 1001 99 00 00, како и висината од 70 проценти од вкупно произведената количина во претходниот месец на брашно од пченица и наполица со тарифна ознака 1101 00. Воедно, престанува да важи издавањето на дозволи од Министерството за економија преку едношалтерскиот систем за дозволи, за извоз на брашно.

2.      Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, објавена во (Службен весник на РСМ бр. 71/20, 79/20 и 90/2020), со што престанува да важи обврската највисоката трговска маржа на (портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, со тарифен број 0805) на трговците поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо да се определи во вкупен износ до 10%, односно до 15% во трговијата на мало.

3.      Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, објавена во (Службен весник на РСМ бр. 70/20 и 76/2020), со што престанува да важи обврската цените кои се применувале на 11 март 2020 година да бидат највисоките  цени во трговијата на големо и трговијата на мало, на: леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови, лична заштитна опрема, средства за лична хигиена и дезифекциони средства, потрошен медицински материјал, медицинска опрема и апарати.