Министерот Сараќини присуствуваше на промоцијата на Рамковната програма за конкурентност и иновации за 2012 година

Министерот Сараќини присуствуваше на промоцијата на Рамковната програма за конкурентност и иновации за 2012 година

 

 

Денеска министерот за економија Ваљон Сараќини и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав ја промовираа Рамковната програма за конкурентност и иновации за 2012 година (ЦИП).

„Министерството за економија како Национална партнер - институција за ЦИП програмата ја фаворизира токму Програмата за конкурентност и иновации на Европската Заедница, бидејќи таа нуди можности за малите и средни претпријатија, за подобрување на иновативните активности, овозможување пристап до финансиски средства, подобро користење на информатичко- комуникациските технологии, развој на информатичкото општество, промовирање на значењето на новите и обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност“, информмираше министерот Сараќини.

Програмата има вкупен буџет од над три милијарди евра и е за период од 2007 до 2013 година, а содржи три подпрограми: претприемништво и иновации, поддршка на политики на информатичко - комуникациски технологии и интелигентна енергија на Европа.

„Република Македонија се приклучи кон Програмата за конкурентност и иновации во 2007 година, кога Министерството за економија потпиша Меморандум за разбирање со Европската комисија за првата подпрограма за претприемништво и иновации“, изјави министерот Сараќини.

Министерството за економија, како Национален партнер, обезбедува средства за влезен билет, со службите на ЕК преговара и потпишува Меморандум за разбирање и ги известува потенцијалните корисници на Програмата за можностите што таа ги нуди.

Програмите ги администрира Европската комисија, која распишува конкурси со повици за предлози на кои компаниите имаат можност да учествуваат. Преку учество во меѓународни проекти во програмите на Заедницата и повеќегодишна соработка со странски партнери, компаниите добиваат можност да ги унапредат своите производни линии, да ги усовршат производите, стручно да ги оспособат своите вработени и да остварат меѓународни контакти. Од квалитетот на поднесените проекти зависи дали проектите ќе бидат прифатени и колку успешно ќе се повлечат вложените средства.

 

„Ова е интересна програма за нашите компании и за нашата деловна заедница, затоа што постојат многу финансиски средства во ЕУ кои нашите компании можат да ги искористат и тоа со аплицирање на квалитетни и издржани проекти. Република Македонија досега има искористено многу малку средства од вкупниот буџет на програмата и тоа 1,5 милиони евра, односно аплицирано е за вкупно шест проекти. Сметам дека оваа бројка е многу мала и има простор сите да работиме заедно за да привлечеме што е можно повеќе средства“, изјави Сараќини.

Врз основа на апликациите се прави буџетот за наредната година. За оваа година, според министерот, предвидени се 320 милиони евра за Програмата за претприемништво и иновации, 150 милиони евра за Програмата за поддршка на политиките за информатичко - комуникациски технологии и околу 120 милиони евра за Проектот за интелигентна енергија.   

 

Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека Европската Комисија доставила предлог до Европарламентот за продолжување на оваа програма по 2013 година. Новата програма наречена ЦОСМЕ се очекува да започне во 2014 година и да трае до 2020, со буџет од 2,5 милијарди евра.

 

„Се надевам дека бизнис реформите кои се веќе започнати во земјата ќе продолжат и во 2012 година. Доколку се тие ефективни, ќе донесат нови инвестиции, отворање нови работни места, ќе го зголемат извозот на локалните компании и генерално тоа ќе влијае на животниот стандард на граѓаните“, изјави Орав. „ЕУ - додаде тој - ќе продолжи да биде ваш партнер и ќе ја поддржува земјата на нејзиниот пат за влез во Унијата“.

 

 

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
Нема тагови за овој текст
АКТУЕЛНО
КОРИСНИ ЛИНКОВИ