Отпочна обуката за проценители за четирите области во надлежност кои се во надлежност на Министерството за економија

Вкупно 395 кандидати од цела Македонија вчера присуствуваа на почетокот на првата обука за проценители по четирите области кои се во надлежност на Министерството за економија, и тоа: Трговско друштво, јавни претпријатија и други правни субјекти (140), Подвижни предмети (108), Машини и опрема (109) и Индустриска сопственост (38). 

Обуките ќе се одржуваат во просториите на Американ Колеџ во Скопје, а по нивното завршување ќе се реализира и полагањето на испити за исполнување на условите за добивање на лиценца за вршење на дејност процена, со што ќе се овозможи професионално, непристрасно, реално и одговорно вршење на процени од областите утврдени со законот.

Во име на Министерството за економија, присутните ги поздрави Државниот секретар Анче Трифунов, информирајќи ги дека согласно овластувањата и надлежностите определени со Законот за процена, Министерството за економија изработи методологии за наведените области за процена, Програма за спроведување на првата почетна обука и објави известување за пријавување на заинтересирани кандидати за објастите на процена кои се во надлежност на министерството.

„Во наредниве денови  Министерството за економија ќе распише Оглас за полагање на испит за проценител за областите во неговата надлежност, со определени термини за негово одржување. По завршување на обуките и испитите за проценувач, ќе се формира и Комората на проценители, со што ќе биде заокружен процесот на активностите за професијата проценител, согласно законот“, истакна Трифунов.

Дефинирањето на оваа професија е во насока на подобрување на деловната клима, што е трајна определба на Владата на Република Македонија. Имено, непостоењето на правна рамка за формирање и функционирање на професијата проценител досега, беше делот кој недостигаше во примена на законите кои се во надлежност на Министерството за економија.

Имено влезот на пазарот, односно основањето на трговските друштва е тесно поврзано со професијата проценител, затоа што при основањето на трговските друштва со непаричен влог, основен услов е процената на непаричниот влог, како и други процени определени со Законот за трговските друштва. При излезот од пазарот, пак, односно редовната ликвидација или престанок на друштвото во состојба на инсолвентност, со спроведување на стечајна постапка, во многу сегменти од постапките е потребна квалитетна и објективна процена за постигнување на продажната цена.

Скопје, 20.06.2012 

 

 

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
Тагови
АКТУЕЛНО
КОРИСНИ ЛИНКОВИ