Кучи: Активните мерки во туризмот придонесуваат за континуирано зголемување на бројот на туристи кај нас

05.05.2017 14:43:33

Министерот за економија Дритон Кучи денеска го посети саемот во организација на еден од главните туроператори во Република Македонија, „ВАС ТУР“, кој се одржува во Сквер 21 во Скопје. Министерот Кучи упати честитки до организаторот за манифестацијата која претставува новитет за нашата туристичка индустрија, нудејќи можност на едно место можеме да се претстави туристичката понуда, особено пред почетокот на летната сезона.

„Имајќи предвид дека ВАС ТУР како туроператор веќе неколку години се истакнува со своето работење, за што покажуваат и бројните признанија кои ги имаат како дел од нивното портфолио, овој денешен настан е само уште еден показател колку се тие  посветени на промоција на своите производи и подобрување на квалитетот на туристичката понуда во Македонија“, истакна Кучи.

Тој ги посети штандовите на кои присуствуваа претставници на туристички оператори од Албанија, Турција и Кипар, на кои беа презентирани нивните летни туристичките понуди, посакувајќи им топло добредојде на гостите и успешно претставување на нивните туристички производи пред нашите посетители.

Министерот Кучи пред присутните се осврна и на донесените и сè уште активни мерки, кои придонесоа да се намали ризикот од економската и политичката криза врз туризмот, а македонскиот туристички производ да се направи поконкурентен на пазарот, како што се субвенционирање на организираниот странски туристички промет, намалување на стапката за ДДВ од 18 на 5% во сместувачките услуги, како и засилената промоција на Македонија како туристичка дестинација.

Инаку, трендот на зголемување на бројот на туристи продолжи и годинава, па во периодот јануари-февруари 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на  туристите е зголемен за 13.4%, додека бројот на ноќевањата е зголемен за 11.1%. 

Скопје, 05.05.2017