Кучи: Наместо стигматизирање на стечајот, потребно е современо законско решение согласно потребите во нашата економија

09.05.2017 14:54:26

 Министерот за економија Дритон Кучи учествуваше на советувањето на тема „Реорганизација на должникот во стечајна постапка“, кое се одржува во рамки на Проектот „Зајакнување на административните капацитети за имплементација на законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва“.

„Овој проект ја опфаќа законската рамка за стечај и ликвидација на трговските друштва и е од исклучително значење за Министерството за економија и стопанството во целост, а го реализираме со помош на Европската унија, со средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Во контекст на денешното одбележување на Денот на Европа, денешниот настан претставува наш симболичен придонес кон чествување на роденденот на ЕУ и знак на нашата цврста определба за побрзо приближување на земјата кон полноправно членство во Унијата“, рече Кучи во своето обраќање, додавајќи дека редовно се следат тековните советувања посветени на оваа тема, на кои претставници од релевантни институции дебатираат за примената на постојната законска регулатива, создадена пред една деценија, како и за измените направени во 2014 година.

Според Кучи, потврдена е оценката за значителениот напредок во законодавството, но и за потребата од натамошен развој и усогласувања со европските директиви и добрите практики. „Досега донесените две директиви во овој домен и третата – која се однесува на санацијата и реструктуирањето, за нас се од исклучително значење и претставуваат практично повик за активно ангажирање во оваа насока. Оттука, усогласувањето со европската легислатива бара и континуирано проширување на знаењата на ликвидаторите, за подобрувања во дејствувањето, а особено на стечајните управници“, истакна министерот за економија.

Тековните податоци говорат за околу 1800 отворени стечајни постапки, од кои дури илјада се последица на проверките поврзани со бришењето на трговските друштва по службена должност, а тоа претставува сериозен предизвик за постојните 60 лиценцирани стечајни управници. Од стручните обуки за нови стечајни управници, предвидени  со Проектот, се очекува за ова занимање да се заинтересираат и многу млади, кои своите стручни знаења ќе ги насочат кон стечајните процедури, a постојните стечајни управници ќе ги прошират своите знаења со специјалистичка обука за  реструктуирањата на трговските друштва. Паралелно со ова треба да се реализира и предвиденото зајакнување на капацитетите на Министерството за економија за поефикасно извршувањето на законските задолженија, а крајната цел на Проектот е да придонесе за ефикасно остварување на правата и на доверителите и на должниците, но и на обврските што произлегуваат од ликвидацијата и од стечајната постапка.

„Очекуваме да се зголеми и свеста за значењето на раното предупредување, за важноста за навременото започнување на процесите на реструктуирањето – без оглед дали станува збор за предстечаен период или тековна постапка. Во земјите на ЕУ, санацијата станува сѐ позначајна, а моделите за нејзина реализација, иако разновидни, сепак се со единствена цел - надминување на инсолвентноста и спасување на иднината на компанијата, па земјите членки веќе носат нови законски решенија и врз нивна основа подготвуваат модели на планови за реорганизација. Македонија не смее да заостанува на тој пат!“, посочи Кучи.

Според него, сите овие елементи треба да претставуваат можности и за превентивно дејствување и спас од инсолвентноста на трговските друштва и кај нас. Наместо стигматизирање на стечајот, се очекува создавање легислатива чиј резултат ќе биде подобрување на деловното опкружување, зачувување на работните места, како и паралелено побрзо излегување од пазарот на оние кои со своето дејствување доведуваат во опасност и неликвидност бројни други компании.

Инаку, ова советување е наменето за стечајните судии и другите судии кои работат на предметите кои произлегуваат од стечајната постапка, стечајните управници, на добавувачите или сите други друштва кои имаат некакви побарувања во стечајната постапка и на органите на друштвата застапници по законот за трговски друштва, а излагачи на темата беа експертите Красин Димитров, Миодраг Ѓорѓевиќ и Дејан Костовски.

 

Скопје, 09.05.2017