Крешник Бектеши го презеде ресорот економија од Дритон Кучи

01.06.2017 17:30:48

Kрешник Бектеши официјално седна во министерската фотелја во Министерството за економија. Тој денеска ја презеде должноста од неговиот претходник Дритон Кучи.

На примопредавањето, Кучи го запозна својот колега со проектите во неговиот мандат, како и надлежностите на министерството, потенцирајќи ја неопходноста од континуирана работа на постојните цели, како што се растот на економијата, привлекувањето на странски инвестиции, зголемувањето на извозот и подобрување на деловната клима и му посака успешна работа на новиот министер.

Новиот министер за економија Крешник Бектеши изјави дека јa започнува оваа задача со голема посветеност и целосна одговорност, свесен за тешката состојба низ која помина државата, како во политичката, така и во економската и социјалнта сфера.

‘Свесен сум колку оваа ситуација имаше влијание врз животот на секој граѓанин и свесен сум за високите очекувања кои ги имаме за овој нов почеток.Знам дека има многу предизвици, но ветувам дека ќе работам напорно да се создаде јака и стабилна економија – чија глевна цел ќе бидат благосостојбата на сите граѓани, економски развој и  човечкото достоинство’, изјави Бектеши.

‘Не очекува многу работа, за да заедно ја направиме државата - место каде што сите граѓани  ќе ја видат иднината и каде ќе сакаат да живеат. Да ги засукаме ракавите!’, додаде новиот министерот за економија Крешник Бектеши.

Бектеши има завршено високо образование Применети уметности и науки претприемништво и развој на бизнис на Рочестер институтот на технологија во Њујорк, каде во 2008 година се стекнува и со звање бачелор на науки Применети уметнсти и науки (Менаџмент и бизнис администрација).Магистрира на Универзитетот Шефилд во Солун на Менаџмент и стратегија – Логистика и менаџирање на ланец на набавки.   На позицијата министер  доаѓа од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извоз на Република Македонија како економски промотор во Белгија и Швајцарија.

Скопје, 01.06.2017 година