Mинистерот Бектеши оствари средба со амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс

15.06.2017 13:07:57

Скопје, 15.06.2017

Министерот за економија Крешник Бектеши, на денешната средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Ласло Иштван Дукс, изрази задоволство од интензивирањето на економската соработка меѓу двете земји, која резултираше со  континуиран раст на трговската размена меѓу Македонија и Унгарија, поточно со нејзино удвојување во последните три години, но и со зголемување на бројот на туристи и соработка во повеќе области од заеднички интерес.

Двајцата соговорници изразија задоволство од воспоставувањето на директни летови на релација Будимпешта – Скопје - Будимпешта, од страна на нискобуџетната компанија Wizz Air, што е причина повеќе за брзото зголемување на деловните посети и на туристите во двете земји.

Воедно, амбасадорот Дукс во текот на средбата го пренесе интересот на многу унгарски компании да учествуваат во спроведувањето на различни проекти од областа на инфраструктурата, енергетиката и туризмот во Македонија.

Министерот Бектеши и амбасадорот Дукс истакнаа дека соработката меѓу министерствата во чија надлежност се економските релации досега е одлична, за што говорат и трите одржани седници на мешовитите комитети на двете земји, како и неколкуте реализирани бизнис форуми, согласно Меморандумот за соработка, потпишан од страна на инвестициските агенции од Македонија и Унгарија.

Од оваа прва средба меѓу Бектеши и Дукс произлезе и иницијативата четвртиот состанок на заедничкиот мешовит комитет да се одржи до крајот на оваа година, а домаќин да биде нашата земја.