Бектеши со повик до компаниите да се пријават за субвенции за имплементација на ХАЛАЛ стандардот

20.06.2017 12:40:03

Министерот за економија Крешник Бектеши  присуствуваше на церемонијата на доделување на сертификати на компании кои го имплементирале ХАЛАЛ стандардот во периодот од јануари до јуни 2017 година, настан кој беше организиран под покровителство на Агенцијата за спроведување на ХАЛАЛ стандардот во Македонија.

На церемонијата, предводена од директорот на Агенцијата Муамер Весели, министерот Бектеши истакна дека доделувањето на сертификати за компании кои го применуваат ХАЛАЛ стандардот, за што петта година по ред Министерството за економија доделува субвенции, претставува своевидна потврда за подобрување на конкурентноста на компаниите и „зелена карта“ при обезбедувањето пласман на нови пазари.

„Сакам да потсетам дека оваа иницијатива на Министерството за економија започна во 2013 година со скромен буџет од 500 илјади денари, наменети за кофинансирање на трошоците на компаниите за консултантски услуги за воведување на ХАЛАЛ системот, кои се потребни пред издавањето на ХАЛАЛ сертификатот. Веќе следната година беше направена целосна анализа на процесот на сертификација и трошоците за издавање на сертификат, а добивме и позитивни реакции од заинтересираните компании, па тој буџет беше зголемен на 3 милиони денари, со цел да одговориме на реалните потреби на деловните субјекти, од кои 11 компании ги исполнија условите за субвенционирање", рече министерот Бектеши.

Бектеши додаде дека во 2015 година Министерството за економија обезбеди буџет од 3,5 милиони денари, со кој беа кофинансирани 8 компании, а мината година 1.8 милиони денари, со кој финансиска подршка добија 6 компании.

„Имајќи предвид дека годинава до овој момент е пристигната само една апликација, сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам покана до деловните субјекти да ги искористат средствата од годинешниот буџет предвидени за оваа намена“, апелираше министерот Бектеши, додавајќи дека глобалниот ХАЛАЛ пазар се проценува на повеќе од 800 милијарди долари, додека само европскиот над 66 милијарди долари годишно.

Поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи се заблагодари на министерот Бектеши за поддршката која Министерството за економија ја дава на компаниите, на кои им честиташе за добивање на сертификати кои беа доделени во оваа прилика.

Скопје, 19.06.2017