Инвестиција од 19 милиони евра на Кондоте Италија за изградба на 4 мали хидроелектрани

13.01.2016 13:16:57

 Министерот за економија Беким Незири и претседателот и сопственик на Кондоте Италија Дучо Асталди на прес конференција го означија стартот на првата од четирите мали хидроелектрани, кои претставуваат инвестиција во вкупна вредност од 19 милиони евра.

„Оваа инвестиција во делот на обновливите извори на енергија на водечката италијанската градежна компанија ’Кондоте’, преку фирмата ИМПГ ДОО Скопје, покрај изградбата на 4 хидроцентрали, и тоа на Ештеричка, Кадина и Зрновска Река (2), придонесе за ангажирање на многу локални македонски компании во изведбата на овие мали хидроцентрали и на тој начин дополнително позитивно влијае на македонската економија“, рече Незири.

Првата хидроцентрала, лоцирана на Ештеричка Река, над Пробиштип,  стартува со комерцијална работа зимава, а останатите три хидроцентрали се во фаза на градежни активности, пробивање на пристапни патишта или подготвителни активности за реализација на проектите, во зависност од локацијата.

„Посебно сум задоволен што Кондоте Италија изрази интерес за инвестиција во Македонија, бидејќи станува збор за компанија со над 130 години традиција во градежниот бизнис, распространета на сите континенти со големи градежни проекти, со годишен обрт од 1,2 милијарди евра, а уште повеќе што во разговорот што го имавме со г-дин Асталди, кој ја посети Македонија за лично да се увери во прогресот на инвестицијата, тој изрази интерес за дополнителни инвестиции во Македонија, во делот на големите хидроелектрани Чебрен и Галиште и патот Скопје-Блаце“, истакна министерот за економија, заблагодарувајќи се за неговата лична поддршка за споделување на позитивното искуство од Македонија со останатите компании од Европа, што претставува потврда за нашата земја како атрактивно место за инвестирање.

Сопственикот на „Кондоте Италија“, Дучо Асталди го изрази сопственото задоволство од соработката со Македонија, потенцирајќи дека наидоа на искусни вработени и на професионална соработка со локалните македонски компании.

„Кондоте Италија, со историја од 135 години, ја реализираше првата инвестиција од 19 милиони евра во 4 мали хидоелектрани за производство на електрична енергија, а бидејќи многу сме задоволни од соработката и поддршката која ја имаме од македонската Влада, планираме да продолжиме со нови ивестиции во Македонија во иднина“, рече Асталди.

На прес конференцијата присуствува и управителот на фирмата и голем пријател на Македонија Марчело Вернола и генералниот директор на ИМПГ, Сашо Трипуновски.

Скопје, 13.01.2016