Бектеши: eднаков третман за домашните и странските инвеститори

27.07.2017 14:52:54

Скопје, 27.07.2017 Министерот за економија Крешник Бектеши, како дел од Владиниот економски тим предводен од премиерот Зоран Заев, денеска оствари средба со членови на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), на која се дискутираше околу сите отворени прашања и нивно надминување за создавање подобра деловна клима и еднакви можности за сите на пазарот.

Поддршка за рамномерен регионален развој, инфраструктурно уредување на економската зона во Визбегово, неселективна примена на законите, полесен пристап до финансии, попис на населението, транспарентност и отчетност се клучните барања што Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) Неби Хоџа во име на фирмите членки ги претстави денеска пред премиерот Зоран Заев и неговиот тим.

„Тргнувајќи од фактот дека инвестициите се двигател на економијата, прва работа што имаме намера да ја направиме е да ги поттикнеме домашните инвестиции, паралелно со странските, нудејќи еднаков третман на инвеститорите, поради што во Министерството за економија веќе се подготвуваат измени на Законот за индустриски зони“, истакна министерот Бектеши, додавајќи дека една од идеите, што може да биде посебно интересна за компаниите имајќи ја предвид бројноста на дијаспората од Северозападна Македонија, е да се предложат даночни олеснувања за инвестирање од страна на граѓаните кои заминале на работа во странство.

Министерот Бектеши потенцираше дека во фокусот на економската програма на Владата е развојот на домашните претпријатија, пред сè малите и средни, и тоа преку создавање на здрава и предвидлива деловна клима, но и преку финансиска поддршка на домашните претпријатија, која ќе придонесе за зголемување на конкурентноста на компаниите и нивните производи и услуги, не само на регионалните, туку и на глобалниот пазар. Посебно внимание ќе се посвети на поврзувањето на домашните претпријатија со странските, во технолошко-индустриските зони, со цел постигнување на know-how, рамномерен локален економски развој, трансфер на технологии, а со тоа интегрирана економија, односно интегриран инвестициски систем.

Премиерот Заев нагласи дека 80 отсто од барањата на СКСЗМ се вградени во владината економска програма, но апелира стопанствениците да продолжат со изнесувањето критики, сугестии и предлози, зашто само така, Владата ќе работи во полза на бизнисот, граѓаните и државата и ќе биде нивен сервис.

Според него, 90 милиони евра или еден отсто од БДП годишно ќе бидат реализирани за рамномерен регионален развој, а секој денар заштеден во Буџетот ќе се инвестира во капитални инвестиции.

Заев најави дека ќе се изедначат условите за домашните и странските инвеститори, но ќе се работи и на рационализација на администрацијата, а од стопанствениците побара да им дадат  поголеми плати на работниците кои, пак, ќе им вратат повеќекратно.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека Владата на Република Македонија нема да биде конкуренција на бизнис заедницата, туку нејзин партнер и ќе се грижи да обезбеди подобра деловна клима и еднакви можности за сите на пазарот.