Потпишаниот меморандум – почеток на стратешко партнерство во секторот на природниот гас

01.08.2017 16:35:55

Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши и министеркaта за енергетика на Република Бугарија, Теменужка Петкова го потпишаа Меморандумот за соработка помеѓу двете министерства.

Предметниот меморандум предвидува продлабочување на соработката во енергетиката и  развој на билатерално стратешко партнерство во секторот на природниот гас, преку развивање на нова директна врска меѓу системите на природен гас на Република Македонија и на Република Бугарија.

За реализација на предвиденото, планирано е создавање на меѓудржавна експертска работна група за гас, која во рок од шест месеци по стапувањето на сила на овој документ ќе треба да подготви нацрт технолошко-економски елаборат за изградба на новото гасно поврзување. Овој елаборат треба да содржи анализи на техничките, пазарните, економските, финансиските и регулаторните аспекти на проектот и да понуди решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави.

Потпишувањето на меморандумот е чекор напред во исполнување на целите на соработка во областа на енергетиката меѓу двете земји, создавање на регионален енергетски пазар во земјите на Југоисточна Европа и целосна интеграција со внатрешниот енергетски пазар на Енергетската заедница.

Министерот Бектеши и министерката Петкова, по средбата на делегациите на владите на двете земји, одржаа и билатерална средба, на која беше разговарано за соработката во енергетскиот сектор и енергетските проекти кои се од взаемен интерес на двете земји. Така, досегашната соработка со Република Бугарија се одвиваше во делот на електроенергетско поврзување, преку изградбата на 400 kV далекувод Штип (Република Македонија) – Црвена Могила (Република Бугарија), како дел од Коридорот VIII, како и во делот на малите хидроелектрични централи. Потпишаниот Меморандум за соработка, пак, отвара нови можности за билатерална соработка во секторот гас, но и поттикнување на регионалната енергетска соработка на Балканот, согласно државните енергетски политики на двете земји и заедничката енергетска политика на ЕУ и на Енергетската заедница.

 Скопје, 01.08.2017