Македонија и Бугарија со заедничка понуда до туристи од трети земји

02.02.2016 16:05:00

Министерот за економија Беким Незири одржa билатерална средба со делегација на Република Бугарија предводена од министерката за туризам Николина Ангелкова, на тема продлабочување на туристичката соработка меѓу двете земји.

Во состав на бугарската делегација беа претставници на туристичкото стопанство и градоначалниците на Сандански, Смолјан, Благоевград, Чепеларе и Банско, а во состав на македонската делегација претставници на туристичките асоцијации и деловните здруженија на туристичките работници, директорката на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, како и градоначалниците на Скопје, Тетово, Охрид, Крушево, Општина Чаир, Маврово и Ростуше.

Македонија лани ја посетиле 25 илјади бугарски туристи, а во Бугарија отишле 470 илјади Македонци. За надминување на разликата во овие бројки, но и за изготвување квалитетни туристички услуги кои ќе привлечат туристи од трети земји, разговараа денеска министерот за економија Беким Незири и бугарската министерка за туризам Николина Ангелкова.

„Бројот на туристите од Бугарија во Македонија последниве три години се зголемува во континуитет и лани достигна 25 илјади, но оваа бројка во споредба со бројот на македонските туристи кои ја посетиле Бугарија е многу мала. Нашата тенденција е да изнајдеме начин како да се зголеми“, изјави министерот Незири по средбата.

Како што информираше Незири, формирани се мешовити работни групи кои за 15 дена треба да соопштат конкретни предлози за заеднички атрактивни туристички понуди и нивна заедничка промоција, како и проекти и активности кои би ја подобриле бизнис климата во туризмот.

„Ќе ги поканиме и другите соседи од регионот да се приклучат кон нашиот заеднички производ“, напомена бугарската министерка Ангелкова. Таа оцени дека денешната средба е уште една потврда за добрите односи меѓу Македонија и Бугарија во областа на туризмот. 

Скопје, 02.02.2016