Доделена десеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики

15.11.2017 14:59:34

Скопје, 15.11.2017 

Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност (КТООП) денеска беа домаќини на десеттата јубилејна традиционална годишна манифестација - Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија, реализирани во текот на последната година.  Годинава, пак, по повод јубилејот, покрај востановените награди, беа доделени и јубилејни, како посебно признание за претпријатијата кои во периодот 2007-2017 година се закитиле со најмногу награди, во вид на статуетки и плакети.    

На церемонијата, пред присутните се обрати и Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, потсетувајќи дека целта на наградата е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да инспирира воведување и унапредување на општествената одговорност кај нас, рече: „Република Македонија заедно со другите земји е посветена на имплементацијата на Целите за одржлив развој кои се тесно поврзани со корпоративната општествена одговорност. За тоа не постои законска обврска. Постои цивилизациска, хумана, човечка обврска, која е многу посилна од законската. Суштината на Целите за одржлив развој е елегантно доловена во една единствена реченица: ‘Никој да не биде изоставен’. Ова е нашиот водечки принцип во сè што правиме. Драго ни е што реформската програма на Владата е заснована врз истиот принцип“.

Поздравувајќи ги јубилејните и годинешните наградени и честитајќи им на креативноста, доследноста и мудроста да работат по европски стандарди кога е општествената одговорност во прашање, министерот  Бектеши, како домаќин на настанот, истакна: „Само со претпријатија кои со своето транспарентно и етичко однесување покажуваат дека нивната цел не е само создавање профит, туку и зачувување на животната средина и унапредување на социјалното милје, со што придонесуваат за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат, ќе можеме да кажеме дека успеавме во намерата да имаме развиен концепт на општествена одговорност на претпријатијата, а од нашата држава да направиме подобро место за живеење на сите нас“.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска стави акцент на социјалниот дијалог меѓу институциите и компаниите, во секој сегмент од планирање, носење и реализација на политиките, регулативата и буџетот на државата, но упати и апел до компаниите во што поголем број да се вклучат во општествено одговорните проекти во делот на социјалната заштита.

Според Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, во услови на пазарна економија сосема е логично компаниите да се стремат кон профит, но за да постигнат одржлив развој неопходно е истовремено да водат сметка за условите во средината во која функционираат.

„ЕУ го поддржува воведувањето на концептот на ООП во Република Македонија од 2007 година до денес, а овој концепт е составен сегмент од Стратегијата 2020, во делот на паметен, одржлив и инклузивен раст“, истакна Жбогар.

Претседателот на КТООП Александар Николов, потсетувајќи се на првичната идеја за воведувањето на наградата пред 10 години, го изрази своето задоволство  што компаните го препознаа и економскиот и општествениот потенцијал на општествено одговорните проекти.

Извршниот претседател на Бизнис Конфедерација, како проектен партнер од Македонија, Миле Бошков, подвлече дека концептот на општествена одговорност претставува можност за искористување на потенцијалите на најдобар можен начин, па низ усогласени мерки и политики да се дојде до економски раст на државата.

На конкурсот на годинешнава награда беа пријавени 34 проекти, од 25 претпријатија, од кои 10 мали и средни претрпијатија, кои аплицираа со 10 проекти, а 15 големи претпријатија на конкурсот доставија 24 проекти. Притоа, оваа година за првпат аплицираа 8 претпријатија, односно 32% од вкупниот број, што говори дека интересот на фирмите за учество во наградата од година во година се зголемува. А покрај стандардните категории, Однос кон вработените, Етичко управување, Односи на пазарот, Однос кон животната средина  и Вложување во заедницата, и годинава, по трет пат, беше доделено признание за најинвентивна практика. 

Општествено одговорните проекти на Адора Инженеринг (Со еко домови 15 години градиме зелени градови во Македонија), Алкалоид (Имплементација на систем за управување со таленти во Алкалоид), Градежен Институт Македонија (ГИМ-Најеколошка компанија), ЕВН Македонија (Изложбен центар Матка), ОКТА (Јас внимавам), Раде Кончар – ТЕП (Холигноза), Рамстор Македонија (ISO 22000:2005), Скопски Легури (Од отпад до производ) и Фармахем (Заедно создаваме подобар свет), годинава се закитија со Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија 2017, во вид на статуетки во петте различни категории.

Плакети, пак, добија проектите на Оне.Вип (Колективен договор на Оне.Вип), Рамстор (Дуќанот е наш), Даути Комерц (Еднакви можности за сите), Орка Холдинг (Нашите вработени-најважниот ресурс на компанијата), ПУ Центар за ран детски развој „Бонбомчиња“ Битола (Во ‘Бонбочиња’ растат одговорни, воспитани и емпатични деца), ЕВН Македонија (Платформа за енергетска ефикасност – Енергетска математика-Нова генерација, како и Да ја заштитиме природата од опасниот отпад), Охридска банка (Осигурување на денарска трансакциска сметка и осигурување на денарски депозит), Пакомак (Зелена планета), Факултет за арт и дизајн при ЕУРМ (Природата нѐ повикува), Шпаркасе банка (Хумантирана акција за поплавените подрачја), ИТД Дистрибуција (Компјутерска соба), Стопанска банка Скопје (Сонуваме. Менуваме) и Адора Инженеринг (Нов дом за безгрижна старост на Трајкови во Дедино).

Признанието за најинвентивна практика го доби претпријатието Скопски Легури, со проектот „Од ‘отпад’ до производ“.

Во изминатиот 10-годишен период, вкупно 173 македонски претпријатија пријавија 540 добри општествено одговорни практики, од кои наградени беа 252 добри практики од пет различни области на општествената одговорност, од кои 101 со статуетки, а 151 со плакети.

Добитници на јубилејните признанија за најнаградувани компани во групата мали и средни претпријатија се: Раде Кончар-ТЕП, Фармахем, Дониа Прилеп, Пакомак, Дуна Компјутери и Раде Кончар-СЕРВИС, додека кај големите претпријатија со најмногу освоени награди за најдобри општествено одговорни практики во изминативе 10 години се: ЕВН Македонија, Цементарница УСЈЕ, Фени Индустри Кавадарци, Адора Инженеринг и Алкалоид.