Наградени најуспешните претприемачи за 2017 година

19.12.2017 15:03:01

Скопје, 19.12.2017 година

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска учествуваше на традиционалната манифестација посветена на најуспешните претприемачи за  2017 година, во категориите на микро и мали претпријатија.

„Значењето на малите и средните претпријатија и нивната значајна улога во  генерирањето на економски раст и креирањето на нови работни места е широко препознаена и призната, па во ЕУ  стратегијата за раст 'Европа 2020', како посебна иницијатива се издвојува поддршката на МСП и претприемништвото“, истакна министерот Бектеши, додавајќи дека токму во оваа насока Министерството за економија, во рамки на годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, реализира мерки и активности  со цел е создавање на поттикнувачка клима за отворање на нови и јакнење на постојните микро, мали и средни  претпријатија и занаетчии, како и развој и унапредување на институционалната инфраструктура за поддршка на бизнисот и јакнење на претприемачкиот дух.

Министерот Бектеши информираше дека годинава беа поддржани 89 претпријатија, 23 занаетчии и 30 проекти на фондации, здруженија на граѓани и занаетчиски комори, кои аплицираа и исполнија услови за мерките содржани во програмата. Тој најави директна поддршка за деловните субјекти и за следната година, со што ќе се отвори можност претприемачите да добијат поголем финансиски стимул за реализација на своите  бизнис активности.

Манифестацијата „Претприемач на годината“, која се одржува по 11-ти пат, е резултат на успешната соработката помеѓу организаторите, кои се претставници на бизнис-заедницата, граѓанските организации и државните институции на власта, а има за цел подигање на свеста за значењето на претприемништвото во нашата земја.

Во име на Македонската развојна фондација за претпријатија, пред присутните се обрати извршниот директор Тетјана Лазаревска.

„Изборот на најуспешните оваа година беше навистина тежок, бидејќи ги избираме најдобрите меѓу 57 претпријатија, од кои 40 се мали и 17 се микро претпријатија. Овие претприемачи заедно во претходните 3 години имаат остварено приходи од над 50 милиони евра, односно зголемување од 30 на 50 милиони евра, а во последната година инвестирале над 7 милиони евра за развој на своите бизниси“, истакна Лазаревска.

Сојузот на стопански комори е, исто така, организатор на овој избор. Претседателот на ССК Данела Арсовска обрна посебно внимание на потребата од поддршка на претприемачите: „На крајот од сите овие премрежија кои што ги имавме во изминатите три години, сметам дека овие се најхрабрите луѓе кои што во време на толку многу предизвици успеале да опстојат, да имаат такви големи успеси за да можат да се најдат во оваа категорија. Од  досегашното искуство на промовирање на претприемачите не само на национално, туку и на глобално ниво, она што  другите го велат за нас е дека Република Македонија е земја на паметни луѓе и на добри идеи“.

Стопанската комора на Северозападна Македонија од основањето во 2005 година, па сè до денес, дава голем придонес во подобрување на бизнис климата и олеснување на околностите за водење бизнис во земјата. Нејзиниот претседател Неби Хоџа во своето обраќање истакна дека младите лица во земјава се соочуваат со административни и професионални бариери при регистирањето на компании.

„Тоа резултира со помал број барања за отворање биниси. Затоа треба да се промени перцепцијата дека бизнисот е тежок и проблематичен“, рече Хоџа.

За најуспешен претприемач на микро претпријатие, на традиционалната манифестација „Претприемач на годината“ што се одржува во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, а под покровителство на Министерството за економија, беше прогласен Жарко Димитриоски од Маркетинг агенцијата „Еден на еден“ од Скопје, а најдобар кај малите претпријатија е Бардул Шабани од „Линк шпед“ од Тетово. Второто место во категоријата микро претпријатија му припадна на Борче Николов од „Аерус“ од Пробиштип, а второнаграден кај малите претпријатија е Томи Запров од „Силотер“ од Струмица. Изборот на најуспешните претприемачи во 2017 година е направен врз основа на однапред утврдени критериуми за успешност.