Средба Бектеши – Зејбекчи: Потпишана Одлуката за измена на Протоколот 2 во корист на деловната заедница

30.01.2018 15:45:10

Анкара, 30.01.2018 Министерот за економија Крешник Бектеши на покана на неговиот турски колега Нихат Зејбекчи престојува во Анкара, Република Турција. Двајцата министри одржаа билатерална средба на која ги разгледаа тековите на економската и трговската соработка меѓу двете земји. Во надворешно трговската размена на Република Македонија со светот, Република Турција се наоѓа на 8-то место за периодот јануари – ноември 2017 и во 2016 година, а пред неа се Германија, Велика Британија, Грција, Србија, Бугарија, Италија и НР Кина. За периодот јануари-ноември 2017 година, вкупната трговска размена бележи зголемување од 0,8% (410.018 милиони долари) во однос на истиот период од 2016 година (380.222 милиони долари), при што кај извозот е остварен раст од 21,7% (77.989 милиони долари), додека увозот е зголемен за 5,0% (332.029 милиони долари).

Во насока на продлабочување на билатералната економска соработка и поттикнување на трговијата која во последните години бележи раст, особено во делот на македонскиот извоз на турскиот пазар, двајцата министри по средбата потпишаа Одлука на Мешовитиот комитет по Договорот за слободна трговија склучен меѓу Република Македонија и Република Турција, склучен во 1999 година. Со  Одлуката се врши измена на Протоколот 2 заради  создавање на одредби за примена на Регионалната конвенција за Пан-евро медитеранските правила за потекло  на стоки (ПЕМ) и проширувањето  на можностите за дијагонална кумулација на потекло на стоки со други земји.

Примената на Регионалната конвенција, која нашата држава ја ратификуваше во мај 2012, а Република Турција во ноември 2013, значи создавање на идентични услови во примената на правилата за потекло, при што дијагоналната кумулацијата на потекло на стоката ќе важи за земјите членки на ЕУ, за оние ЦЕФТА земји кои применуваат Спогодба за стабилизација и асоцијација и ЕФТА државите.

Дијагоналната кумулација според идентични услови за правила за потекло е најзначајната поволност за македонските и турските компании, кои ќе бидат во можност да добијат ЕУР1 Сертификат за преференцијално потекло на стоката во извоз, иако репрометријалот, суровината, полуфабрикатот или полупроизводот потекнува од земјите на ЕУ, ЦЕФТА или/и ЕФТА, што не беше случај порано.

Република Македонија веќе изврши измени на Протоколите за потекло на стоките со земјите членки на ЕУ во примена од февруари 2017 година и со ЦЕФТА земјите во примена од септември 2017 година. Со ЕФТА земјите преговорите за измена на Протоколот за потекло на стоките во рамки на Договорот за слободна трговија се во завршна фаза.

Министрите Бектеши и Зејбекчи се согласија во наредниов период да се формираат експертски тимови од двете земји кои ќе работат на модернизирање на Договорот за слободна трговија, со што ќе се овозможи негово усогласување со правилата на услуги на Светската трговска организација и ќе се создаде основа за нови преговори во земјоделско-прехранбениот сектор во интерес на бизнис заедницата, каде ќе бидат вметнати и инвестициите, како посебно поглавје.