Бектеши: Закон за финансиска поддршка на инвестициите - транспарентност, јавност и еднаков третман за сите инвеститори

15.02.2018 13:00:16

Скопје,15.02.2018 Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев  и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски денска одржаа прес конференција на која покрај најавената инвестиција на компанијата „Саген“ во ТИРЗ Скопје 1, беше презентиран и Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

„Целта поради која го креиравме Планот за економски раст е да овозможиме еднаков третман за сите инвеститори - домашни и странски, со мерки кои имаат за цел да ги зголемат растот и конкурентноста на домашната економија, преку поттикнување нови инвестиции, нови вработувања, поддршка на извозот и поттикнување на растот и иновативноста на малите и средни претпријатија“, истакна министерот Бектеши, додавајќи дека основните критериуми кои треба да ги исполнуваат претпријатијата кои ќе аплицираат за мерките, се пораст на приходите, како и  задржување или зголемување на бројот на вработените. Овие мерки се креирани во три столба, и тоа како финансиска поддршка: за инвестиции, за конкурентност и за малите и средни претпријатија и иновациите.

Министерот Бектеши информираше дека во насока на  поставувањето на правната основа за формализирање на поддршката и имплементацијата на мерките од Планот за економски раст, Министерството за економија го изготви Законот за финансиска поддршка на инвестициите од кој се очекува зголемување на приватните инвестиции и вработеноста, зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, како и зголемување на извозот и регионалната економска соработка.

Со законот, како што објасни Бектеши, се уредени видовите и висината на финансиската поддршка на инвестициите, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на деловните субјекти кои ќе инвестираат во РМ исклучиво врз начелата на транспарентност, еднаков третман и јавност.

„Со овој закон се регулираат процесите на финансиската подршка на инвестициите за првите два столба, и тоа финансиска подршка за инвестиции, во која влегува поддршка за нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од РМ, за воспоставување на организациски облици за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за пораст на капитални инвестиции и приходи, како и за откуп на средства од претпријатија со потешкотии, и финансиска поддршка за конкурентност,  која опфаќа поддршка на субјекти кои ја зголемиле својата конкурентност на пазарот и на субјекти за освојување на пазари и пораст во продажба“, информираше Бектеши.

Што се однесува до третиот столб од Мерките за економски раст, поточно оној со кој се опфатени процесите за финансиска поддршка на малите и средни препријатија и иновативноста, тие ќе бидат регулирани со посебни акти, преку Фондот за иновации и технолошки развој.

Во последните два месеци по претставувањето на Програмата на Владата за економски раст има нови осум инвестиции во ТИРЗ-и, во вкупна вредност од 73,5 милиони евра, што ќе отворат 1.570 нови работни места, информираше вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

„За два месеца, со нула потрошени пари имаме осум нови инвестиции со над 75 милиони евра и повеќе од 1.500 вработени, а за седум години, со потрошени 225 милиони евра, имаше само 23 инвестиции. Уште не сме ја почнале Програмата, а веќе се потпишани осум нови договори, а во скоро време ќе има уште 30 нови договори за странски инвестиции“, рече Анѓушев и најави дека има заинтересираност и кај домашните компании за инвестирање.

Како што кажа Анѓушев, шест од странските компании, кои се веќе присутни во земјава, најавиле удвојување на своите капацитети, по препознавањето на можностите што ги нуди Програмата за економски раст.

Директорот на ДТИРЗ Младеновски претстави повеќе детали за најновата најавена инвестиција во ТИРЗ Скопје 1. „Станува збор за Компанијата САГЕН ДООЕЛ од фармацевската индустрија, која е со седиште во Тирана, Албанија. Висината на планираната инвестиција ќе биде во вредност од над 20 милиони евра и се очекува да отвори околу 300 нови работни места. Инвестицијата е поделена во три фази, а за нејзините потреби во ТИРЗ Скопје 1 закупена е парцела со површина од околу 28.000 m2“, рече Младеновски.