ВЛАДАТА СО НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА ЗА МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА- промовирана среднорочна програма за поддршка на МСП

01.03.2018 14:44:30

Скопје, 01.03.2018 Микро, малите и средни претпријатија ќе бидат најсилно поддржани преку мерките од Планот за економски раст, истакнаа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски на прес конференција која се одржа во Владата на Република Македонија.

Министерот за економија Бектеши објасни дека Министерството, покрај мерките од Планот за економски раст во 2018 година, ја спроведува и Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации 2018, за која само за делот на Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија се обезбедени над 38 милиони денари, а дополнителни 9 милиони за мерки на индустриска политика и кластери.

„Министерството за економија за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија ќе спроведе 13 мерки преку оваа Програма, кои не се преклопуваат, туку се надополнуваат со мерките од Планот за економски раст. Буџетот за оваа програма, кој во втората половина од минатата година беше зголемен за цели 180%, годинава успеавме да го зголемиме за  дополнителни 60%, што овозможи да ја збогатиме со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите. Тоа автоматски ќе значи и поголем број на мали и средни претпријатија кои можат да имаат бенефит од мерките. А бидејќи се тие основни двигатели на една економија, среќен сум што ќе придонесеме за раздвижување на економската база“, истакна министерот Бектеши.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека микро, малите и средни претпријатија се во привилегирана положба, затоа што ќе можат да ги користат мерките од сите три столба на Планот за економски раст, кои ќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и преку спроведување на среднорочната Програма за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, како и преку мерки кои ќе се спроведуваат преку министерството за економија.

„Со среднорочната Програма за поддршка на мали и средни компании се овозможува  дополнителна, посебна поддршка на малите и средни компании, кои имаат право да ги користат и мерките од првиот и вториот столб од Планот за економски раст. Со оваа Програма како никогаш досега се дава поддршка на МСП. Малите и средни компании ќе имаат можност да добијат 30% поврат на средства направени во инвестиции за градење на нови хали, купување машини и други основни средства, а доколку прават инвестиции за развивање на нови производи, Владата ќе изврши поврат од 70% од направените инвестиции за развивање на новите производи “, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој истакна дека преку Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија, државата станува инвеститори и пратнер на компаниите. Тој информираше дека во 2018 година за програмата се наменети 645 милиони денари и даде детално објаснување за секоја од петте мерки со која ќе се овозможи помош за компаниите.

„Мерките ќе се реализираат преку јавни повици, три пати годишно, а компаниите ќе може да се пријавуваат во рок од 45 дена од денот на објавување. Во критериумите однос на селекција на проектите кои ќе се финансираат ќе се анализирааат: степенот на иновативност, квалитетот на проектот, капацитетот на прокетниот тим  потенцијалот на пазарот, како  и влијанието на проектот врз општеството и животната средина “, потенцира Деспотовски.

Линк до видео: https://youtu.be/u39U1S_pzeQ