Одржливиот развој на енергетиката – заедничка цел на Министерството за економија и МАНУ

20.03.2018 12:19:24

Скопје, 20.03.2018 Министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, во име на Министерството за економија на Република Македонија и Македонската академија на науките и уметностите потпишаа Меморандум за соработка за одржлив развој на енергетиката во Република Македонија.

Целта на овој Меморандум е воспоставување на меѓусебна соработка и ефективен институционален дијалог, имајќи го предвид интересот на граѓаните на Република Македонија, во насока на остварување на одржлив развој, согласно обврските кои Република Македонија ги има преземено со ратификуваните меѓународни договори.

Со Меморандумот е превидено двете институции да превземаат взаемни активности за анализа на развојот на енергетиката во Република Македонија, со имплементација на поголемо учество на обновливите извори на енергија, спроведувајќи ги најновите светски практики и современите научни сознанија, потоа анализа на обврските на Република Македонија преземени со ратификуваните меѓународни договори  во подрачјето на енергетиката и соодветните емисии и намалување на емисиите на стакленички гасови, соработка на полето компјутерските науки и информатичките технологии и соработка во доменот на економскиот раст и развој, вклучувајќи ги пристапите за динамизирање на растот, преструктуирање на македонската економија, индустриската политика и сл.

Соработката меѓу двете институции ќе се остварува преку изготвување на научни проекти, заеднички средби и организирање на заеднички предавања, тркалезни маси и форуми за научната и стручна јавност, но и за засегнатите страни и за пошироката јавност со вклучување и на невладините организации и медиумите, потоа изработка на елаборати, презентирање на резултатите од соработката на меѓународни и домашни стручни собири, објавување на научни и стручни трудови во меѓународни и домашни списанија, како и презентирање на преземените активности и постигнатите резултати на веб страните на Министерството за економија на Република Македонија и на Македонската академија на науките и уметностите.