Бектеши оствари средба со министерот за економија на ОАЕ, Султан Бин Саид Ал Мансури

10.04.2018 14:25:02

Абу Даби, 10.04.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши во текот на официјалната посета на ОАЕ, оствари средба со министерот за економија на Обединетите Арапски Емирати, Султан бин Саед Ал Мансури. Средбата на Бектеши со Ал Мансури се одржа на маргините на осмото издание на Годишниот инвестициски самит во Дубаи, ОАЕ, кој се одржува под покровителство на Неговото величеств Шеик Мохамед Бин Рашид Ал Мактум, потпретседател на ОАЕ и премиер на Дубаи.

Бектеши на Мансури му ги претстави генералната економска состојба и можностите за инвестирање во Република Македонија, а од аспект на трговската соработка меѓу двете земји двајцата министри оцениле дека има капацитет за нејзино интензивирање, во насока на раст на трговската размена, но и зголемување на бројот на туристите во двете земји.

Во таа насока, Бектеши и Ал Мансури на средбата ја потенцирале потребата од потпишување на меморандум за соработка во сферата на туризмот, со кој би се дефинирале чекорите на понатамошното интензивирање на соработката во овој значаен економски сектор, имајќи предвид дека Македонија има листа на дестинации кои би биле атрактивни за емиратските туристи.

Со цел поттикнување на инвестициите од Обединетите Арапски Емирати во Република Македонија, двајцата министри предложиле потпишување на договор за заштита на инвестициите меѓу двете земји, а министерот Бектеши го поканил министерот Ал Мансури на возвратна посета, што со задоволство било прифатено од страна на неговиот колега.

Во рамки на официјалната посета на ОАЕ, каде деновиве се одржува осмото издание на Годишниот инвестициски самит во Дубаи, министерот Бектеши оствари средби и со повеќе заинтересирани инвеститори, а во рамки на инвестицискиот самит ги претстави можностите за инвестирање во Република Македонија и економската состојба на земјата.