Бектеши: Исцрпени се средствата за субвенции за ПВЦ прозорци и сончеви колектори

20.04.2018 18:30:07

Скопје, 20.04.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција посветена на мерките од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, чиј носител е Министерството за економија информираше дека средствата за мерките за надоместување на трошоците за замена на старите со ПВЦ/алуминиумски прозорци и за купени и вградени сончеви колектори се исцрпени, иако роковите на огласите сѐ уште траат.

„Еден од главните приоритети на Владата и на Министерството за економија е да го подобри квалитетот на животот на своите граѓани. Во енергетскиот сектор креиравме политики и мерки кои овозможуваат промоција на обновливите извори на енергија, унапредување на енергетската ефикасност, а со тоа и заштеди во домашните буџети и заштита на човековата околина. Овие мерки предизвикаа огромен интерес кај домаќинствата, а распределбата на поддршката е реализирана по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до целосно искористување на предвидените средства за оваа намена. Така, за сончеви колектори пристигнаа над 900 апликации, а буџетот беше шест милиони денари, додека за ПВЦ прозори беа доставени повеќе од 1.400 барања, за буџетот од 30 милиони денари“, истакна министерот. 

Со оглед на интересот од страна на домаќинствата, министерот Бектеши вети дека  ќе побара дополнителни средства за овој тип на субвенции од Владата, со првиот ребаланс на буџетот.

Тој уште еднаш потсети граѓаните да не аплицираат ниту за поддршка за печки на пелети, зашто поради големиот интерес, средствата за поддршка и за оваа мерка, која стартуваше прва, се веќе исцрпени. 

„За првата мерка – субвенционирање на купување на печки на пелети, која годинава за првпат ја воведовме, имавме обезбедено 14 милиони денари, а од 645 апликанти, 433 домаќинства се субвенционирани“, рече тој.

Само за потсетување, минатата година, со ребалансот на буџетот беа обезбедени 16 милиони денари за соларните колектори со кои се субвенционираа 1.794 домаќинства од 2.747 апликации, а за ПВЦ прозорците беа издвоени 36 милиони денари за субвенционирање на 1.327 домаќинства од  2.407 апликации.