Бектеши: Фер трговија и заштита на потрошувачите само со развиен метролошки систем

15.05.2018 14:54:45

Скопје, 15.05.2018  Во организација на Бирото за метрологија на Република Македонија денеска беше одбележан Светскиот ден на метрологијата – 20 мај. Овој датум признат во меѓународни рамки служи за потсетување на прифаќањето на Метричката конвенција во далечната 1875 година од голем број земји, со која се постави рамка за  глобална соработка во областа на метрологијата и се одговори на потребата од светска униформност на мерењата, кои се  применуваат секојдневно во индустријата, трговијата и општеството, воопшто.

„Еден од најуспешните стратешки проекти на Европската Унија е формирањето на Единствен Пазар. А слободното движење на стоки е еден од столбовите на Единствениот Пазар. Целосното остварување на овој сегмент означува дека се надминати сите технички бариери. Токму инфраструктурата за квалитет дава суштински придонес кон надминување на овие техничките бариери, што води кон фер трговија и грижа за потрошувачите. Но, фер трговијата и заштитата на потрошувачите не се возможни без развиен метролошки систем. Затоа, Бирото за метрологија ја има клучната улога во развојот и одржувањето на метролошкиот систем во Република Македонија – како во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство со она на Европската унија, така и во  неговата примена, истакна министерот Крешник Бектеши пред присутните.

Бирото за метрологија, како носител на националната метролошка инфраструктура, претставува клучен елемент во изградбата на инфраструктурата за квалитет на државата и е една од најзначајните потпори на научниот и техничкиот прогрес и има повеќегодишно искуство во мерењето и обезбедувањето на следливост на мерењата.

Директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи во своето обраќање рече: „Без разлика  за која област на мерење станува збор - трговија, анализи, тестови, калибрација, контрола на квалитет на технолошките процеси, наука – довербата во резултатите кои се добиваат е од големо значење. Нашата мисија и визија се насочени кон градење на престижна метролошка институција, препознатлива во европски рамки и пошироко, која ќе даде поддршка на меѓународната интеграција на нашата земја и нашата индустрија од аспект на нејзина меѓународна конкурентност“.

Годинешната тема на Светскиот ден на метрологијата е постојана еволуција на Меѓународниот систем на единици. Во номеври годинава, Генералната конференција за тегови и мерки се очекува да се согласи за една од најзначајните промени на Меѓународниот систем на единици. Оваа, како што велат експертите, историска промена кон користење на законите на природата во дефинициите ќе ја елиминира конечната врска меѓу системот на единици и дефинициите засновани на физички артефакти, што значи дека ќе донесе промена во начинот на дефинирање на одредени единици на мерење и ќе биде целосно базиран на константи на природата.