Бектеши: Ги поканувам компаниите што поскоро и помасовно да аплицираат за финансиска поддршка

18.06.2018 15:21:22

Скопје, 18.06.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција информираше за имплементацијата на мерките од Планот за економски раст, со оглед на фактот што во изминатиот период, по донесувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, беше донесувањето на правилниците за доделување на финансиска поддршка и нејзина исплата, кои се веќе потпишани и објавени во „Службен весник“.

„Во интерес на компаниите и на еконоијата во целост, во најбрз можен рок ги донесовме правилниците, со што практично овозможивме компаниите веќе да имаат право да аплицираат за финансиска поддршка. Ги повикувам компаниите да аплицираат што поскоро и во што поголем број, бидејќи средствата се обезбедени, а поголемиот број апликации ќе значат и поголем раст и развој на нашата економија“, рече Бектеши потсетувајќи дека право на аплицирање имаат сите производствени компании кои бележат раст на приходот и кои го немаат намалено бројот на вработени.

Тој се осверна на двете фази во кои ќе се одвива аплицирањето и на документите кои треба да ги обезбеди секоја фирма-апликант, при што компаниите кои работат во Техноилошко-индустриските развојни зони, барањето треба да го упатата до Дирекцијата на ТИРЗ, додека сите останати компании кои работат надвор од зоните, барањето го доставуваат до Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека сите компании што инвестирале и што вработиле луѓе во текот на 2017 година, од денеска до крајот на јуни може да аплицираат за поврат на средствата. Што се однесува до компаниите кои во 2018 инвестирале или бележат зголемување на вработените, можат да аплицираат континуирано, а исплатата на поддршката да ја очекуваат во текот на 2019 година.

Анѓушев напомена и дека е изготвен  т.н. калкулатор за инвестиции со кој секоја компанија пред да аплицира за државна поддршка, но и пред воопшто да инвестира, ќе може да пресмета колку средства приближно ќе добие назад. 

Поднесувањето барања од страна на компаниите ќе може да се врши електронски, преку пополнување соодветен формулар објавен на неколку интернет страници: на Владата на РМ, на страните на Министерството за економија и на Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, ТИРЗ, АСИПИ, Конкурентност.мк,... 

Апликациите на компаниите ќе се евалуираат до 31 јули, а во август и септември ќе се потпишуваат договорите и ќе се реализира исплатата. Компаниите кои инвестираат во 2018, ќе аплицираат продолжено во текот на годината, и за нив нема рокови, а ќе се исплаќаат со буџетот од 2019 година. Програмата ќе трае пет години.

На прес-конференцијата во Владата се присутни и министрите Зорица Апостолска и Аднан Ќахил, директорите на ТИРЗ и на Агенцијата за промоција на инвестиции, како и претставници на стоапанските комори.