Зголемен интересот за субвенциониран годишен одмор кај рабониците со ниски примања

25.06.2018 13:27:20

Скопје, 25 јуни 2018 – Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оддржа прес конференција на која информираше за спроведениот јавен повик за субвенциониран годишен одмор за работници со ниски примања. Бектеши информира дека од 1900 пријавени работници, 1.300 работници ги исполниле условите и добиле ваучери за субвенциониран годишен одмор, на огласот од 2 април до 31 мај годинава. 

Министерот за економија Крешник Бектеши, рече дека со оглед дека со оваа бројка ќе бидат исцрпени 20 милиони денари од предвидените 30, распишан ќе биде уште еден оглас кон крајот на август. 

- Првиот повик покажа дека интересот за субвенциониран годишен одмор е зголемен за 68 отсто. Работниците може да ги користат ваучерите во еден од 30-те хотели со кои имаме потпишано меморандуми за соработка и зависно од цената на аранжамните, да престојуваат кај нив, два, три или седум дена, истакна Бектеши. 

Единствен услов за добивање поддршка за годишен одмор е семејството на работникот кој аплицира, да нема месечни приходи поголеми од 22.000 денари. 

-Потполно сме посветени на зголемување на домашниот туризам, но и на тоа да им помогнеме на домашните угостители да го зголемат својот обем на работа и вон сезоната, нагласи Бектеши.

Гледано од аспект на средства, додаде Бектеши, до 31.05.2018 година, имајќи го предвид бројот на апликации, реализирани средства се околу 20 милиони денари, додека останатите 10 милиони од програмата остануват да се реализираат во третиот квартал од годината, односно во периодот  септември – ноември 2018 година.

Оваа мерка има две важни цели во полза на граѓаните, првата е по принципот „парите кај граѓаните“ да им се помогне на семејствата на работниците со ниски примања, со поддршка од државата да го искористат своето елементарно право на годишен одмор, и втората истовремено да им се обезбеди поддршка на хотелиерите, односно угостителската дејност во зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона, а со тоа да се помогне развојот на домашниот туризам во земјава.