Бектеши: Соработката со Косово ќе се продлабочува и со заеднички проекти за пограничните региони

18.07.2018 17:05:26

Скопје, 18.07.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари средба со министерот за регионален развој на Република Косово Расим Демири. Главна тема на средбата беа националните политики за економски рамномерен регионален развој и можностите за поголема примена и фондовите на ЕУ во насока на побрз регионален развој.

„Целта на денешните разговори со мојот колега Демири е продлабочување на соработката меѓу двете земји и размена на искуства околу начинот на финансирање на регионите, особено пограничните. Особено беше ставен акцент на проектите од значење на двете земји, како што е Шапка – Брезовица, и можноста за користење на средствата од европските фондови“, рече министерот Бектеши.

Според министерот Демири, доказ за одличната соработка меѓу двете земји е засилената реализација на инфраструктурни објекти, како што е автопатот Приштина – Блаце, на чија реализација забрзано се работи од косовска страна.  

„Во делот на рамномерен регионален развој, македонското искуство може да ни биде од голема корист. Со министерот Бектеши се договоривме да формираме работна група со претставници од двете држави која ќе работи на заеднички проекти за користење на ИПА фондовите за туризам“, истакна Демири. Тој информираше дека наскоро следува заедничка владина седница, на која е можно да се официјализира соработката со потпишување на Меморандум со Министерството за економија и Бирото за регионален развој.

И директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи потенцираше дека Република Косово може да смета на Република Македонија како на сериозен партнер во делот на размена на искуства за регионален развој, а Меморандумот за соработка ќе биде само офијализирање на рамката на соработка на ова поле меѓу двете земји.

На новинарско прашање за донесената одлука од страна на косовската Влада за воведувањето на 30-отстотна царина за увоз на земјоделски производи во Косово, која ќе трае 90 дена, министерот Бектеши одговори дека ни македонската страна, ни Секретаријатот на ЦЕФТА, а ни другите членки на ЦЕФТА не биле навремено информирани за воведувањето на мерката, а согласно ЦЕФТА Договорот Косово било должно навреме да ги информира сите земји членки за намерата за воведување царини.

„Во текот на денешниот ден ќе одржиме средба на која првично ќе се анализираат сите можни импликации врз македонските производи, а потоа ќе се заземе став за евентуални контрамерки. Притоа, мерката не е насочена против Македонија, односно се однесува на сите држави во светот кои извезуваат земјоделски производи во Косово. Согласно сите меѓународни договори,  во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Царинската управа, ќе ја анализираме новонастанатата ситуација и во соработка со Секретаријатот на ЦЕФТА ќе заземеме став околу ова прашање“, изјави Бектеши по средбата со косовскиот министер за регионален развој Расим Демири.