Бектеши во петок ќе се сретне со косовскиот министер за трговија и индустрија Хасани

25.07.2018 15:44:39

Скопје, 25.07.2018  По добиените заклучоци од состанокот на ЦЕФТА земјите во Белград, во врска со воведените заштитни мерки од страна Приштина за зголемување на царините за 30 отсто за увоз на одредени видови овошје, зеленчук и пченка, во кои земјите учеснички на состанокот ја поздравија вчерашната одлука на косовската Влада за делумно укинување на трговските бариери и ја повикаа Приштина во целост и без одлагање да ги укине царините за останатите производи опфатени со одлуката, а која е во спротивност со правилата на ЦЕФТА Договорот, министерот за економија Крешник Бектеши најави состанок со неговиот косовски колега Хасани, договорен за во петок, на 27 јули. Имено, производи кои останаа неопфатени со одлуката на косовската Влада за повлекување на мерката се: доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето.

„Јас и во официјалното писмо испратено до министерот Хасани пред пет дена, побарав  целосно укинување на одлуката, укажувајќи дека оваа мерка веќе предизвикува значителна штета на трговијата на споменатите производи, не е во согласност со членовите 23, 23 bis и 24 од ЦЕФТА Договорот и е во спротивност со Заедничката декларација која се однесува нa примена на правилата и постапките на СТО. Таа е во спротивност и со трите приоритети во Програмата за претседавање со ЦЕФТА во текот на оваа година, за која сите ЦЕФТА страни целосно ја поддржаа со цел заеднички да работиме на олеснување на трговијата со стоки, усогласување на пазарите на ЦЕФТА со ЕУ и создавање на регион без нетарифни бариери и мерки што ја попречуваат трговијата. Во име на досегашната успешна трговска и, воопшто, економска соработка со Република Косово се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик со мојот косовски колега, а дека средбата ќе резултира со решение кое ќе биде од взаемен интерес. Уверен сум дека имаме заедничка цел, а тоа е олеснување на трговијата на Западен Балкан, согласно правилата на ЦЕФТА Договорот и принципите на слободна трговија“, вели Бектеши.

Инаку, меѓу заклучоците од денешниот состанок во Белград е и елиминирање на сите останати воведени трговски бариери од страна на земјите членки на ЦЕФТА Договорот, а беше укажано и на потребата  за натамошни реформи со ЦЕФТА, со цел натамошно олеснување на трговијата за Западен Балкан за што се очекува и директна поддршка од ЕК. Поради ова, земјите се согласија да се формира оперативно тело кое ќе работи на ефикасно решавање и укинување на сите трговски бариери кои би се појавиле во регионот, до влегување во сила на дополнителниот Протокол 7 на ЦЕФТА Договорот, кој предвидува механизми за решавање на спорови.