Стартува првиот повик за предлози за развој на туризмот во рамки на проектот “Triple P in SEE: Promotion, Policy and Pilots”

26.07.2018 15:27:21

Скопје, 26.07.2018  Во присуство на претставници на локалната самоуправа, центрите за развој на планските региони, граѓанските организации, образовните институции и кластерите од областа на туризмот, вчера се одржа Информативен ден за јавниот повик за проектни предлози на Советот за регионална  соработка, чија цел е поттикнување на растот и развојот на туризмот во овој балканскиот регион. Повикот предвидува мали грантови во износ од 20.000-54.000 евра за проекти од областа на туризмот, со посебен фокус на културниот и авантуристичкиот туризам. Со проектот се опфатени шест балкански држави, и тоа Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово. Фондот за првиот повик изнесува 540.000 евра со кој ќе се обезбеди поддршка на пилот проекти  кои ќе придонесат кон креирање на заедничка туристичка понуда, со цел зајакнување на регионалната соработка во насока на диверзификација на туристичката понуда во регионот. Инаку вкупниот износ на средства на шемата за грантови изнесува 1,62 милиони евра.

Државниот советник за туризам во Министерството за економија, Шовкет Хазари, во своето обраќање ја истакна заначајната улога на туризмот во оддржливиот развој на една земја.

„Проценките на Светска туристичка организација се дека 10% од светскиот БДП произлегуваат од туризмот. Едно од 10 работни места во светот се обезбедени од секторот туризам, а дури  1,3 милијарди меѓународни патувања се регистрирани во 2017 година. Потенцијалот е голем, а ние треба да го искористиме. Токму тоа е и целта на овој проект- по пат на креирање на заедничка туристичка понуда да се зголеми видливоста на регионот како атрактивна туристичка дестинација, со крајна цел привлекување на поголем број на туристи и остварување на зголемени приходи од туризмот“, рече Хазари.

Тој потсети дека туризмот во Република Македонија е единствениот сектор кој во последниве 9 години бележи континуиран раст. „Минатата година ја завршивме со зголемување на бројот на туристи за 16,6%, при што кај странските  туристи зголемувањето достигна 23,5% во однос на 2016 година, а во првиот квартал од оваа година бројот на туристи е зголемен за 18,7 %, и тоа кај странските туристи за 23%, а кај домашните 10,8%. Сепак, нашиот стратешки приоритет останува оддржлив раст и развој на туризмот во Република Македонија и подобрување на конкурентноста на туристичката понуда во земјата, преку креирање на поволна бизнис клима и зголемена валоризација на културните и природните богатства“, потсети Хазари.

Инаку, споменатата шема на грантови на Советот за регионална соработка ќе вклучува 30 грантови, вредни до 54.000 евра, кои ќе бидат имплементирани во текот на тригодишен период. Целта е со овие средства да им се овозможи на јавниот и на приватниот сектор во шесте економии од Западен Балкан да ги спроведат неопходните интервенции на туристичките локалитети и да ги направат културните и природните атракции попривлечни за меѓународните и регионалните посетители. Тоа ќе овозможи зголемување на приходите и на  бројот на квалитетни работни места во туристичката индустријата.

Првиот повик за издавање на предлози е специјално отворен за локални и регионални организации за развој на туризмот, туристички кластери, организации за образование и обука активно вклучени во развојот на туризмот, како и национални и природни паркови. Краен рок за пријавување е 16 август 2018 година.

Линк од повикот:
https://rcc.int/news/409/rcc-launches-tourism-development-grant-scheme-162-million-euro-made-available