Кучи: со реновирањето на излозите, го враќаме сјајот на Чаршијата

18.04.2016 13:19:39

 

Денеска министерот за економија Дритон Кучи, заедно со претседателот на здружението „Еснаф“ Бејтула Морина и претседателот на Советот на Општина Чаир, Захир Бектеши, ја посети Старата скопска чаршија со цел да се запознае со текот на реализацијата на Проектот за уредување на излозите и натписите на дуќаните во чаршијата. 

 

Да потсетиме, станува збор за проект чија цел е враќање на автентичноста и зачувување на културните вредности кои ги има Старата скопска чаршија, за кој дуќанџиите од Блокот 3.2., преку здружението „Еснаф“ на Старата скопска чаршија, можеа да аплицираат на јавен повик. Министерството за економија ангажираше проектантска куќа, која изготви техничка документација за конзервација, санација и адаптација на 60 дуќани во Блок 3.2 во Старата скопска чаршија. За секој дуќан е подготвен посебен проект во три фази, и тоа: претходен изглед на дуќанот, фактичка состојба и планиран изглед по интервенцијата за уредување на излогот. Притоа, не е само излогот опфатен во овој проект, туку и тендата, натписот на дуќанот и околното зеленило. Секоја интервенција беше координирана со самите дуќанџии, по претходно добиена согласност од Министерството за култура и Конзерваторскиот центар.

 

„Денеска видовме дека 9 дуќанисе целосно комплетирани. Минатата година Министерството за економија за проектот издвои 2.6 милиони денари, а годинава дополнителни 6 милиони, додека комплетната реализација на овој проект ќе чини околу 30 милиони денари, секако, преку Здружението „Еснаф“. Работата продолжува според утврдената динамика и на другите дуќани во рамки на Блокот 3.2. и посебно ми е драго што задоволството на занаетчиите е огромно, а интересот расте и во другите блокови од Чаршијата, па искрено се надевам дека овој проект ќе продолжи сè додека не се покрие цела чаршија, односно сите дуќанџии да добијат можност да го вратат автентичниот изглед на своите дуќани, а со тоа и сјајот на Чаршијата“, изјави министерот Кучи по посетата..

 

Претседателот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеши, објасни дека станува збор за заеднички проект со Општина Чаир, кој е започнат со поддршка на Европската унија, а продолжил со Министерството за економија.  „Сега сме во првата фаза на реновирање на излозите, фасадите и натписите на дуќаните во блокот 3.2 во Старата чаршија. Во оваа фаза на имплементацијата на проектот,  во соработка со Министерството за економија и со „Еснаф“ ќе го имплементираме до крајот на оваа година, а во него се вклучени 60 дуќани, кои треба да го вратат  стариот изглед кој ги имаше чаршијата“, рече Бектеши.

 

Претседателот на здружението „Еснаф“, Бејтула Морина, акцентот го стави на материјалите и на деталите употребени во излозите: „Би сакал да потенцирам дека при изведбата на излозите се користени најквалитетни материјали, притоа запазувајќи ја автентичноста и традиционалните елементи во нив. Железните и пластичните излози се отстранети, па сега доминира дрво со највисок квалитет, бидејќи целта ни беше старите дуќани уште долги години да му одолеат на забот на времето“.