Бектеши: Добив уверување дека за најскоро време можеме да очекуваме взаемно прифатливо решение

27.07.2018 18:10:26

Скопје, 27.07.2018

Штотуку заврши состанокот во Приштина меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и косовскиот министер за трговија и индустрија Бајрам Хасани, чија тема беше комплетно отстранување на заштитната мерка за повисока царина на одредени земјоделски производи, која беше воведена на 18 јули без претходна најава на Секретаријатот и земјите членки на ЦЕФТА.

По состанокот, министерот Бектеши изјави: „Со колегата Хасани денеска имавме подолга, но многу  конструктивна средба, на која аргументирано ги образложивме нашите ставови за потребата од целосно укинување на царините.  Иако мерката е делумно повлечена за поголем број производи, односно од 21, таа остана сѐ уште на сила за само 7 продукти, и тоа за доматите, пиперките, грозјето, сливите, јаболката, крушите и малините, сепак повеќето се сезонски и на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар. Токму тоа му го предочив на министерот Хасани, истакнувајќи ги загубите на бизнис заедницата кои се на двете страни огромни. Добив уверување од косовската страна дека овие наши забелешки ќе бидат земени предвид и со оглед на фактот што станува збор за владина одлука, на првата наредна седница на Владата на Република Косово, аргументите кои ги дадовме од наша страна ќе бидат изнесени пред членовите на Владата за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо. Јас и лично верувам дека во најсокоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни“.

Средбата уследи по официјалното писмо што Бектеши го упати до косовскиот колега пред една недела и по состанокот на ЦЕФТА земјите во Белград, на кој беше поздравена одлуката на косовската Влада за делумно укинување на трговските бариери и беше повикана Приштина во целост да ги укине царините за останатите производи опфатени со одлуката.