Бектеши: Инвестицијата на „Саген“ е уште една потврда за продлабочената економска соработка со нашиот пријател и сосед Албанија

27.09.2018 13:58:26

Скопје, 27.09.2018  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска присуствуваше на стартувањето на проектот на албанската компанија од фармацевската индустрија САГЕН во технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1.

Станува збор за нова современа фабрика со најсофистицирана технологија за производство на инфузиони раствори и генерички лекови, која во неколку фази ќе отвори околу 300 работни места, со што ќе се приклучи на веќе најавените 1500 вработувања од страна на компаниите кои во последниот период започнаа со реализација на своите инвестициони активности.      

„Искрено се радувам што денеска заокружуваме уште една инвестиција. Прво, затоа што САГЕН е една од низата убави вести за кусо време, што го потврдуваат трендот на забрзан инвестиционен циклус во Република Македонија пред отворените врати на Европа, а потоа и затоа што станува збор за уште една потврда за продлабочената економска соработка со нашиот пријател и сосед Албанија, како дел од регионалната соработка и напорите за економска интеграција“, рече Бектеши во своето обраќање. 

Изразувајќи уверување дека инвестицијата на „САГЕН“ ќе придонесе кон понатамошен раст на извозот, тој потсети дека компаниите кои работат во слободните економски зони се најголемите извозници на економијата на Република Македонија.

„Само во првото полугодие бележиме раст на извозот од технолошко-индустриските развојни зони за 18 отсто во споредба со лани, па вредноста на извезени стоки од зоните изнесува 1 милијарда 360 милиони евра. И другите економски параметри укажуваат дека економијата ја поставивме на стабилни основи и Планот за економски раст дава резултати. Во првите 6 месеци годинава забележан е рекорден влез на странски директни инвестиции во Македонија од 327 милиони евра. Но, тоа говори и дека придобивките од започнатиот процес на интегрирање на земјава во НАТО и ЕУ веќе се чувствуваат“, истакна Бектеши.

Вкупната планирана инвестиција на „Саген“ изнесува 20 милиони евра, од кои во првата фаза 6,5 милиони евра. Претставниците на компанијата засадија маслиново дрво како симбол на мирот и пријателството, кое со албанската инвестиција во Бунарџик има за цел да прерасне во  симбол на долгогодишното пријателство меѓу Македонија и Албанија и поттик за зајакната меѓусебна економска соработка.