ПОТПИШАНИ МЕМОРАНДУМИ ЗА СОРАБОТКА СО УСАИД – РЕФОРМИТЕ ВО ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР ПРОДОЛЖУВААТ

15.10.2018 12:18:12

Денес, во Свечената сала на Владата, беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Министерството за економија и УСАИД, како и помеѓу Регулаторната комисија за енерегетика и УСАИД, за „Проектот за развој на регионални енергетски пазари – поддршка на реформите во секторот енергетика“. 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев истакна дека преку реализација на овие меморандуми, со поддршка на УСАИД, ќе се надминат предизвиците со кои се соочува Република Македонија во енергетскиот сектор, a се обезбедува подобра и посветла иднина на енергетскиот сектор во Република Македонија. 

„Република Македонија имаше обврска да ја адаптира легислативата во енергетскиот сектор во согласност со европските регулативи и директиви до 2015 година, нешто што тогаш не беше направаено, а се започна со практична иплементација по усвојување на новиот Закон за енергетика во мај 2018 година. Со техничка помош од УСАИД беше создаден текстот на Законот, а оваа поддршка продолжува и преку креирање на преку 80 подзаконски акти кои произлегуваат од Законот и кои се неопходни за целосна имплементација на овој Закон. Сите засегнати страни напорно работат во создавање на подзаконските акти и истите ќе бидат завршени во предвидената динамика, со што ќе се обезбеди заштита на потрошувачите и ќе се овозможи развојот на обновливите извори на енергија“, потенцираше Анѓушев. 

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека министерството за економија и Владата во целина, имаат одлична соработка со УСАИД, а резултат на соработката е усвојување на новиот Закон за енергетика. 

„Со донесувањето на Законот за енергетика се отворија многу нови можности за натамошен развој, како на пример за спојување на ‘ден однапред’ пазарите на електрична енергија со Република Бугарија, спроведување на постапки за раздвојување на преносните оператори, со цел недискриминиран пристап до електричната и гасната преносна инфраструктура, обезбедување на сигурност во снабдувањето и диверзификација на изворите на енергија, спроведување на мерки за поддршка и поттикнување на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, заштита на ранливите потрошувачи и многу други придобивки. Моментално, заедно со УСАИД и со други институции, работиме на донесување на низа на подзаконски акти, со што новиот Закон за енергетика нема да остане само на хартија, туку ќе стане оперативен и применет во пракса“, додаде Бектеши. 

Амбасадорот на САД Н.Е. Џес Бејли, истакна дека транспрентните услови и конкурентните енергетски пазари се витални за домаќинствата и развојот на индустријата и економијата. 

„Сигурното снабдување со енергенси е возможно преку користење на микс на енергетски извори како што се ветер, соларна енергија, природен гас и фосилни горива. Преку реализација на овој проект, во кој соработуваат Владата, Министерството за економија, Регулаторната комисија за енергетика и УСАИД, ќе се озвозможи разновидно  и конкурентно енергетско портфолио на Република Македонија, а воедно ќе се овозожи усогласување на националното енергетско законодавство со енергетските регулативи и директиви на Европската Унија. Неодамна усвоениот Закон за енергетика, развиен со поддршка на УСАИД и помогна на Македонија да ги усогласи енергетските политики и регулативатае со оние на ЕУ. Со овој Закон се обезбедува правна рамка за транспарентен, конкурентен и разновиден енергетски пазар, целосна либерализација на пазарот на електрична енергија и интеграција со регионалните енергетски пазари, како и подобри енергетски услуги за индустријата и домаќинствата“, нагласи амбасадорот Бејли. 

Претседателот на регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски потсети дека новиот Закон за енергетика е целосно усогласен со Третиот енергетски пакет на ЕУ и со донесување на овој закон беа затворени споровите кои енергетската заедница ги имаше покренато кон Република Македонија. 

„РКЕ во наредниот период треба да усвои или одобри околу 40 подзаконски акти, кои треба да обезбедат правично и транспарентно функционирање на пазарите на енергија во Македонија. Веќе беа усвоени најважните подзаконски акти за електрична енергија, кои беа клучни за да може да се распише јавниот повик за избор на Универзален снабдувач. Правото на заштита на потрошувачите, со новите подазконски акти, се подига на многу повисоко ниво, особено за таканаречените ранливи потрошувачи“, рече Бислимоски.