Бектеши: Со зајакнување на регионалната соработка, поблиску до крајната цел - економски раст на регионот и финализирање на евроинтеграцискиот процес на земјите

26.10.2018 14:45:32

Будва, 26.10.2018  На вториот ден од „Конференцијата за економија: Балканот и Европската Унија-Петогодишен циклус на Берлинскиот процес“, кадешто учествува и македонската владина делегација, министерот за економија Крешник Бектеши имаше свои излагања на панел дискусијата „Регионална соработка како сегмент на европските интеграции: економијата-генератор на севкупниот развој“, заедно со другите министри од регионот задолжени за економски прашања.

Во неколкуте рунди прашања поврзани со состојбите во националните економии, можностите за раст на домашните  инвестиции и реформите министерот Бектеши објасни дека со намалување на политичката неизвесност во Република Македонија се олеснува имплементацијата на планираните реформи во петте столбови, и тоа економски раст, реформи, услужни институции, едно општество за сите и, последниот столб на стратешките интереси на Република Македонија - членството во НАТО и ЕУ.

„Со ова се промени и економскиот курс на државата. Меѓународните извештаи нотираа напредок во неколку приоритети, меѓу кои и подобрувањето на фискалната транспарентност, зголемената доверба на инвеститорите и приливите на странски инвестиции, зголемување на економскиот раст после стагнацијата во 2017 година. Јавниот долг на Македонија е оценет како умерен во глобален контекст, односно после 9 години имаме негово намалување на годишно ниво, a како резултат на зголемување на довербата на инвеститорите значително е намалена каматната стапка на државните хартии од вредност. Македонија е прва земја во регионот која воведе гарантиран минимален приход, a паралелно со поддршката за раст на платите, Владата го поддржува и техничко-технолошкиот развој на компаниите за зголемување на продуктивноста преку мерките од Планот за економски раст, но и евтини кредити од ЕИБ, за да ги поддржи инвестициите во нови капацитети и опрема“, објасни Бектеши.

Министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, потенцираше дека нејзината земја и покрај јавниот долг, се концентира на капиталните инвестиции.

„Имаме две цели, да ги стабилизираме јавните финансии и да привлечеме инвестиции со цел отворање на нопви работни места. А за тоа ни е потребна силна законска рамка“, рече Секулиќ.

Министерот за економски развој на Косово, Валдрин Лука, пак, истакна дека наспроти  растот на БДП-то од 4,1 % и нискиот јавен долг, невработеноста е сѐ уште предвизвик на кој треба да се работи во наредниот период.

„Тука би ја споменал мерката на самовработување, која очекуваме а придонесе за намалување на стапката на невработеност. Моментално работиме и на создавање на законска регулатива за секторот за минерални суровини, кој заедно со секторот енергетика треба да придонесе за раст на БДП-то до 2020 година“, рече Лука.

Министерот Бектеши напомена дека во првото полугодие од оваа година е забележан рекорден влез на странски директни инвестиции во Македонија од 327 милиони евра, што е 218% над просекот од последниве 3 години, раст на извозот има и од технолошко индустриските развојни зони за 17 отсто во споредба со ланскиот период и во првите 6 месеци изнесува, 1 милијарда евра, додека вкупниот извоз е 1,5 милијарди евра.

„Стапката на невработеност е намалена на 21.1%, што е историски најниско ниво досега, зголемена е наплатата на даноци за 8% во споредба со истиот период минатата година, а повратот на ДДВ кон компаниите се одвива навремено и неселективно. Од почетокот на годината заклучно со август во стопанството по овој основ вратени се вкупно 250 милиони евра. Тоа е силен поттик за приватниот сектор како главен двигател на економијата“, објасни Бектеши, додавајќи дека со подобра соработка и зајакнување на врските меѓу економиите во регионот, согласно Берлинскиот процес, се создава потенцијал за нови вредности, нови заеднички понуди на производи за вклучување во глобалните ланци на вредности, глобалните ланци на добавувачи, нов прилив на инвестиции.

Во однос на активностите кои произлегуваат од Акцискиот план поврзан со проектот за создавање на регионална економска зона, Бектеши го претстави значителниот напредок на Република Македонија во четирите важни области од: укинување на пречките за трговија, инвестиции, мобилност на одредени професии и признавање на квалификации, како и дигитална агенда, со што земјите се приближуваат до крајната цел - економски раст во регионот и финализирање на евроинтеграцискиот процес на земјите.