Бектеши: Зголемен интересот на германските компании за инвестирања во Македонија

05.11.2018 13:21:22

05.11.2018 Скопје  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска се сретна со директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс, во врска со инвестициската клима во нашата земја, тековните проекти и можностите за понатамошна соработка. Министерот Бектеши го информираше Мартенс за економскиот раст, кој е зголемен од 3,1 % во вториот квартал по стагнацијата во 2017 година, како и за позитивните перформанси во економијата во Македонија и за новите мерки од Планот за економски раст, за кои се очекува дека ќе бидат двигател на економијата во земјава.

Директорот на делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс го запозна министерот Бектеши за интересот на германските компании што сакаат да инвестират во Македонија, изразувајќи надежи за подлабока соработка со сите засегнати страни од бизнис секторот, како главни актери за одржлив економски  развој.

На средбата се дискутираше и за можностите за обучување на нови кадри, кои ќе бидат корисни за новите компании и бизниси, а веќе се пријавиле за користење на мерките на финансиска поддршка понудени од страна на државата и на кои ќе им биде потребен нов кадар.

Бектеши го информираше Мартенс дека Министерството за економија, како директен учесник во креирањето на законите и мерките за бизнис секторот, секогаш ќе биде отворено за соработка со бизнисот за да се создадат нови вредности, понуди и нови инвестиции.