Министерот Дритон Кучи се сретна со амбасадорот на Република Косово, Илбер Хиса

05.05.2016 14:52:39

 

Министерот за економија г-дин Дритон Кучи денеска во просториите на Амбасадата на Република Косово во Скопје се сретна со амбасадорот Илбер Хиса. Во текот на средбата, беше нагласена успешната соработка на сите полиња меѓу двете земји и двете страни се согласија дека е воспоставена солидна основа за продлабочување на соработката со нови проекти, во интерес на граѓаните на двете земји.

Министерот Кучи истакна дека Косово е важен трговски партнер на Република Македонија и земја со која Република Македонија има голема трговска размена. Според статистичките податоци за 2015 година, Македонија ја посетиле 1 милион 329 илјади граѓани на Косово, додека 738 илјади граѓани од Македонија го посетиле Косово, односно над 2 милиона граѓани од двете земји. Во текот на минатата година од Косово во Македонија влегле 69.573 камиони, а од Македонија во Косово 71.253 камиони со разни стоки, или вкупно 140.826 камиони, во двете земји.

Македонија и Косово соработката ја реализираат врз база на 28 потпишани договори меѓу двете земји, а со примената на ЦЕФТА договорот, односно од 01.01.2008 година, вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Република Косово се реализира на слободен, бесцарински систем, благодарение на 100 процентната либерализација на трговијата.

Министерот Кучи и Амбасадорот Хиса зборуваа за дополнително зголемување на бројот на посетители од двете земји, истакнувајќи дека само во делот на здравствениот туризам, граѓаните од Косово во Македонија секоја година трошат од 25 до 30 милиони евра. Исто така, се разговараше за можноста на граничниот премин Јажинце  да се врши царинење на продукти, што би значело големо олеснување за бизнисите во двете земји.

Министерот за економија Дритон Кучи до амбасадорот Хиса упати честитки за успешното завршување на либерализацијата на визниот режим за граѓаните на Косово со земјите-потписнички на Шенгенскиот договор, како и членството на Косово во УЕФА. Министерот Кучи информираше дека наскоро, заедно со претставници на бизнис заедницата, ќе спроведе официјална посета на Косово.