Бектеши: Во наредниот период планираме градба на дополнителна 20 мегаватна фотоволтаична мрежа, покрај планираната од 10 MW

08.01.2019 14:27:37

Кичево, 08.01.2019

Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со заменик генералниот директор на ЕЛЕМ Фатмир Лимани го посетија ТЕЦ Осломеј, како и локацијата предвидена за изградба на фотонапонската централа Осломеј, за чија што изградба на 4 јануари беше потпишан  договор помеѓу ЕБРД и ЕЛЕМ. Локацијата за 10 мегаватната фотоволтаична мрежа се простира на 15 хектари земјиште од поранешните наоѓалишта на јаглен, кое за една година треба да биде рекултивирано со новата централа.

Согласно договорот,  инвестицијата  изнесува седум милиони евра, а вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана е околу 15 гигават часови, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2000 домаќинства.

Министерот за економија Крешник Бектеши оствари средби со раководните структури, го посети погонот за производство, како и местото каде што е предвидено да почне да се гради новата фотоволтаична централа.

„Задоволство ми е што поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј за околу една година треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична мрежа. Но, ние не застануваме таму, туку како Влада настојуваме да имаме што повеќе домашно производство на енергија “, изјави Бектеши по обиколката.

Бектеши потенцираше дека и во минатата година е зголемено домашното производството на електрична енергија.

„Како Влада имаме долгорочен план за зголемување на производството на енергија. Веќе почнавме со студија за градба на дополнителна 20 мегаватна фотоволтаична мрежа, исто така, во рамки на РЕК Осломеј. Користењето на ваков вид на производство на енергија е светски тренд, со кој ќе продолжиме во нашите проекти“, рече Бектеши и додаде дека  во наредниот период ќе има нови вработувања во комбинатот, особено на стручни лица од соодветната сфера од Кичево и регионот, апелирајќи до младите да продолжат со стручна едукација за да бидат подготвени да одговорат на барањата на постојн ите и новите инвеститори.

Покрај за рамномерниот регионален развој, овој проект е значен од аспект на енергетските вредности,  од социјален, но и од еколошки аспекет, бидејќи е во согласност со најсовремените начела за заштита на животната средина.