Бектеши: Бележиме значителен раст на индустриското производство 7.9 %, на добар пат сме за една успешна економска година

31.01.2019 12:57:23

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во декември 2018 година во однос на декември 2017 изнесува 7.9 %. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во 2018 година во однос на декември 2017 бележи раст од 4.6 %, во секторот Преработувачка индустрија бележиме пораст од 6.1 %, додека пак во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 20.0%.  

Со овие позитивни податоци ние сме поблиску до целта за зголемување на конкурентноста на домашната индустрија, базирана на знаење,  иновации и истражувања кои водат кон раст и развој, создавање стимулативна деловна и инвестициона клима и поддршка на претпријатијата за подобрување на нивните конкурентни способности со стекнување знаења, нови технологии и пазари.

Со имплементацијата на индустриската политика ќе се обезбеди стабилен развој на земјата врз основа на диверзификација и модернизација на економијата со креирање услови за производство на конкурентни производи, зголемување на вработеноста и пораст на извозот.

Според главните индустриски групи, производството во декември 2018 година, во однос на декември 2017 година, бележи пораст кај енергија за 23,9 отсто, интермедијарни производи, освен енергија за 4,6 отсто, капитални производи за 2,4 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,5 отсто, додека опаѓање бележи кај трајни производи за широка потрошувачка за 10,6 отсто.