Со изборот на универзален снабдувач заштитен е интересот на граѓаните

27.02.2019 15:26:56

Скопје, 27.02.2019  Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа прес конференција на којашто се обратија заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и претседателот на Комисијата за избор на универзален снбдувач, академик Глигор Каневче и ги  споделија информациите и резултатите од одржаната електронска аукција на којашто конзорциумот ЕВН Македонија и ЕВН Снбдување понуди најниска маржа од 11.5% и со тоа ги исполни условите да стане најповолен понудувач за универзален снабдувач на електрична енергија на конкурентен и транспарентен начин како што е во предвидено во новиот Закон за енергетика.

Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше дека денеска по завршување на електронската аукција како најповолен понудувач за универзален снабдувач со електрична енергија е избрана компанијата ЕВН Македонија која понуди бруто маржа од 11.5% и посочи дека во новиот Закон за енергетика е предвидено Република Северна Македонија да избере универзален снабдувач за наредните 5 години.

 „На транспарентен начин беше водена постапката, претседателот на Комисијата е од академската фела,  денеска на ова наддавање го избра најповолниот понудувач за универзален снабдувач којшто на наредната владина седница треба да се усвои со одлука на Влада. Имајќи ги предвид двете понуди - едната од ЕВН Македонија, другата од ЕЛЕМ - важно е да се истакне дека токму оваа влада уште еднаш докажа дека на конкурентен начин ги решава сите прашања. Ќе продолжиме на транспарентен начин да овозможуваме поквалитетни услуги за граѓаните“, соопшти министерот Бектеши.

„Универзалниот снабдувач како механизам со којшто се штити интересот на граѓаните на Република Северна Македонија и се обезбедува домашното производство на електрична енергија да стигне кај граѓаните по најповолни услови и цени и на тој начин се заштитуваат граѓаните од можните ценовни шокови, станува реалност. Денеска заврши јавното наддавање на тендерската постапка за универзален снабдувач при што од првичнот понудениот профитен процент на маргина од 14.4% како почетна цена на аукцијата, цената во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија се намали за скоро 30% и последната маргина изнесува 11.5%. Со ова се гарантира дека најголемиот бенефит останува за граѓаните на Република Северна Македонија“ соопшти вицепремиерот Анѓушев и додаде дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија ди дава економските бенефити во корист на потрошувачите.

Во таа насока вицепремиерот Анѓушев додаде дека сите снабдувачи на слободниот пазар треба да се борат со помали маргини и да ги задоволат условите на тендерската постапка што ќе обезбеди поповолна цена за граѓаните.

 „Се ослободува и либерализира пазарот на електрична енергија за малите, средни и микро претпријатија кои сега ќе имаат пристап и да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа којашто ја имаа досега. Овие мали компании, од малски продавници па до средни и поголеми компании кои до скоро не беа на слободниот пазар сега веќе имаат можност да очекуваат поевтина електрична енергија од таа што досега ја плаќале. Ова е важно бидејќи тие мали, средни и микро компании беа носители во транзициониот период на економијата“, нагласи вицепремиерот Анѓушев и рече дека Владата на Република Северна Македонија покажа знаење и капацитет да ги задоволи директивите на ЕУ за регулирањето на слободниот пазар.

„Ја воведовме евтината тарифа на електрична енергија. Цената на струјата за граѓаните од формирањето на владата не се покачи, а претходно за неколку години имавме покачување на цената за цели 75%.  Преку универзалниот снабдувач гарантираме поволни цени и услови пред се за граѓаните на Северна Македонија и заштита на претпријатијата и граѓаните и конкуренција на пазарот на електрична енергија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Академик Глигор Каневче, како претседател на Комисијата за избор на Универзален снабдувач ги соопшти резултатите од одржаната електронска аукција на којашто од двете пристигнати понуди, едната од конзорциумот ЕВН Македонија и ЕВН Снабдување, другата од ЕЛЕМ ТРЕЈД ДООЕЛ Скопје, по завршената евалуација на понудите од страна на Комисијата, компаниите беа поканети на денешната електронска аукција на којашто  за најповолен понудувач е избран конзорциумот ЕВН Македонија и ЕВН Снабдување со понудената најниска бруто маржа од 11.5%.