Кучи: Соработката со Косово ќе продолжи да се интензивира во интерес на граѓаните од двете земји

13.05.2016 11:49:04

Министерот за економија Дритон Кучи оствари средба со неговиот косовски колега, министерот за економски развој Блеранд Ставилеци, со кого разговараа за проектите коишто се од заеднички интерес на двете земји, особено во делот на енергетиката, при што приоритетните области се веќе поставени со Меморандумот за соработка меѓу двете министерства.

„Нашите две земји веќе имаат поставено солидна основа за продлабочување на соработката со нови проекти, во интерес на граѓаните на двете земји. Во текот на средбата разговаравме за заедничките актуелни енергетски проекти, како што е втората 400 kV интерконекција Македонија – Косово, за која двете страни веќе учествуваат во изработката на Студијата за оправданост, а потпишан е и Оперативен договор помеѓу АД МЕПСО и КОСТТ, со кој се регулира соработката и координацијата на интерконективно поврзаните електропреносни системи на Р. Македонија и Р. Косово. За следниот период очекуваме што ќе произлезе од средбата на експертите од преносните систем оператори МЕПСО и КОСТТ и каква ќе биде динамиката на понатамошните активности“, истакна министерот Кучи.

Двајцата министри се согласија околу важноста на развојот на гасоводните системи на двете земји, бидејќи согласно Физибилити студијата за гасоводен систем во Република Македонија со идеен проект, покрај постоечката интерконекција со Бугарија кај Деве Баир, меѓу предвидените 6 дополнителни потенцијални интерконекции, е и интерконекцијата со Косово, со што ќе се зголеми сигурноста во снабдувањето со енергија, конкуренцијата во снабдувањето со енергија што може да придонесе до намалување на цената на енергентите, а со зголемувањето на користењето на природниот гас, како еколошко гориво, ќе се намалат емисиите на штетни материи во животната средина.

Министерот за економски развој Блеранд Ставилеци му упати честитки на Дритон Кучи за назначувањето за министер за економија и изрази уверување дека соработката помеѓу двете земји ќе продолжи да се интензивира и продлабочува во иднина. Министерот Ставилеци рече дека досега имало интензивна соработка меѓу двете земји, но акцентот секако е ставен на неколку проекти од интерес за двете земји, како што е проектот за втора енергетска интерконекција, од 400 kw Скопје – Косово А, а исто така, уште една линија на гас меѓу двете земји, што ќе им овозможи поврзаност со енергетската инфраструктура.

Приштина, 12.05.2016