Министрите Бектеши и Почивалшек разговараа за натамошно зајакнување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Словенија

25.03.2019 15:36:15

Љубљана, 25.03.2019  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска беше во работна посета на Словенија, каде оствари средба со министерот за економски развој и технологија Здравко Почивалшек. Северна Македонија претставува значаен економски партнер за Словенија во однос на интернационализацијата на словенечката економија. Во последната година, забележан е пораст на трговијата од 11,9%, во споредба со истиот период на 2017 година, при што извозот е зголемен за 20.5%, а увозот за 7.7%.

„Во 2018 година, трговијата со стоки меѓу земјите достигна 307 милиони евра, а исто така, гледаме тренд на раст во секторот на услуги ", објасни министерот Почивалшек. Тој посочи дека постојат многу можности за бизнис меѓу двете земји.

„Областа на челик и металопреработувачката индустрија нудат потенцијал за зајакнување во економската соработка, потоа транспортната и енергетската инфраструктура, туризмот, агро-индустријата, енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија", рече тој, потсетувајќи дека во втората половина на оваа година се очекува посета на словенечка деловна делегација на Северна Македонија, што ќе овозможи взаемни бизнис средби меѓу стопанствениците од двете земји.

Министрите на средбата се заложија за понатамошно зајакнување на економската соработка, при што, како што рече Бектеши,  за Северна Македонија особено е значајно поттикнување на билатералната соработка во областа на иновациите, науката и технологијата, како и заедничко учество во мултилатералните научни технолошки и развојни проекти и програми. И двете земји придаваат особено значење за учество на малите и средни претпријатија во заеднички проекти од индустријата, енергетиката и обновливитте извори на енергија, туризмот и др.

Министерот Бектеши истакна: „Реалните економски политики и договорите со Грција и Бугарија кои ни ги отворија вратите во НАТО, со што се осигура стабилноста и безбедноста на државата, придонесоа за рекорден раст на инвестициите од над 624 милиони евра. Бруто домашниот производ во последниот квартал од 2018 година бележи раст од 3,7 отсто, растот на индустриското производство во 2018 е највисок во последните седум години и изнесува 5,4 отсто, а најголем раст на просечната плата од 8.1 процент е забележан во декември 2018 година. За наполни две години стапката на невработеност е намалена, а само во минатата година отворени се над 26.000 нови работни места. Сето ова говори дека сме на вистинскиот пат кон целта да постигнеме зголемен животен стандард и постепен економски раст, што верувам дека уште толку ќе ја поттикне и нашата меѓусебна соработка како држави“.

Министерот Почивалшек, меѓу другото, изрази задоволство што Северна Македонија и Грција постигнаа договор за името на земјата, што ја отвори вратата на НАТО и патот кон понатамошна интеграција во Европската унија, при што упати уверување дека словенечкото Министерство за економија е отворено за експертска помош во подготвувањето на Северна Македонија за влез во ЕУ.

Словенија и Северна Македонија се важни партнери и на полето на инвестициите. Компаниите со мнозински словенечки капитал обезбедуваат околу 2.500 работни места во Северна Македонија. На крајот на 2017 година, словенечките инвестиции во Северна Македонија изнесуваа 357 милиони евра, а во Словенија износот на инвестиции од Северна Македонија изнесуваше 18 милиони евра што претставува зголемување од 144% во однос на претходната година.

Бектеши изрази задоволство од фактот што Република Северна Македонија е рангирана на четвртото место меѓу земјите каде Словенија најмногу инвестира, при што словенечките инвестиции се главно фокусирани во трговијата, осигурувањето, хемиската и автомобилската индустрија. Тој нагласи дека со изедначување на поволностите меѓу домашните и странските инвеститори и предвидливата и прецизна поддршка што ја овозможи Законот за поддршка на инвестиции се отвараат нови транспарентни можности за взамено привлекување на инвестиции и во другите економски области, меѓу кои и енергетиката, особено со воведувањето на нови мерки за поддршка – премии, кои ќе бидат применливи за фотонапонските електроцентрали, а ќе се доделуваат врз основа на транспарентна тендерска постапка, која вклучува аукција.

Осврнувајќи се на заедничките заклучоци кои произлегоа од минатогодишната 11. седница на Мешовитата комисија по Спогодбата за стопанска соработка, меѓу кои и потребата од склучување на Меморандум за соработка во туризмот, Бектеши ја изрази неопходноста од соработка особено во бањскиот и спа туризмот, каде ќе бидат добредојдени словенечките искуства и трансфер на знаење. Бектеши се осврна на зголемувањето на бројот на туристи во Северна Македонија, при што во 2018 година забележан е раст за 14,2 отсто во однос на 2017 година, а бројот на ноќевањата е зголемен за 15.0%, додека девизниот прилив по основ на туризам забележа пораст од 16,7% во споредба со 2017 година.

Неговиот словенечки колега ја нагласи подобрената соработка и во областа на туризмот, за што говори бројката од над 22 илјади туристи во Словенија минатата година, што претставува 26 отсто пораст во однос на претходната година. Тие создадоа 65.600 ноќевања, што е 77% повеќе отколку во 2017 година.