Премиерот Заев и министерот Бектеши на средба со хотелиери: Заеднички да ги унапредиме услужните дејности за побрз развој на туризмот

01.04.2019 09:57:33

Оваа Влада го смета туристичкиот сектор за непроценлив ресурс за развој на економијата. Бројките се добри, минатата година надминавме 1 милион туристи со 3 милиони ноќевања, таргетот за годинава е 1,3 милиони туристи со 4 милиони ноќевања и девизен прилив од овој сектор од 420 милиони американски долари. Светот го движат услугите, а ние треба да се подготвиме да ја зграпчиме можноста, бидејќи капацитет имаме“, истакна Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на средбата со хотелиерите што се одржа денеска во „Инекс Горица“ за време на неговата работна посета на Охрид, во придружба на министерот за економија Крешник Бектеши. 

Во рамките на средбата министерот Бектеши ги пренесе новитетите кои ќе бидат дел од новиот закон за туристичка дејност, како предлози на туристичкиот сектор. 

„Покрај програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски примања, којa е во насока на зголемување на обемот на работа на туристичките центри надвор од туристичката сезона, во измените на законската регулатива предвидуваме неколку новитети меѓу кои формирање на туристичка инспекција, намалување на бројот на членови на комисијата за категоризација од 13 на 5, лиценцирање на рестораните за свадби, решавање на горливиот проблем со нелојалната конкуренција од страна на физичките лица, како и воведување категоризација на објектите кои ги нудат за сместување“, рече Бектеши, додавајќи дека еден од моделите е доколку едно физичко лице ја надминува бројката од 20 легла или 10 соби што ги нуди како сместувачки капацитети, да мора да отвори фирма.  

Меѓу предлозите во регулативата е и менување на моделот на субвенционирање на странскиот организиран туристички промет, преку определување на износот во зависност од категоријата на угостителскиот објект за сместување туристи.   

Премиерот Заев особено стави акцент на отворањето на државата во меѓународни рамки, што иницираше идеи за воведување на нови авионски линии и олеснување на визниот режим, а меѓу таргет земјите се Кина и земјите од Голфскиот залив.  

Претседателот на ХОТАМ Крсте Блажевски ги посочи главните предизвици на туристичкото стопанство, меѓу кои проблемот со наплатата од страна на ЗАМП, потребата од модернизирање на спортските терени, со оглед на големиот број на спортисти кои доаѓаат на подготовки во Охрид во зимскиот период, потребата од персонал, како и хигиената на туристичките дестинации, преку решавање на проблемот со депониите, колекторот и неопходноста од урбана полиција во летната сезона.   

„Потребно е отворање на бизниси кои ќе ги задржат младите тука, од типот на молови, водени паркови, тркачки стази, спортски терени и базени, а еден од сегементите на кој треба да му обрнеме посебно внимание е здравствениот туризам, преку отворање на домови за стари лица кои ќе можат да се вратат од странство и да ги поминат мирно и убаво тука пензионерските години“, потенцираше Блажевски. 

Премиерот Заев истакна дека постои големо расположение заеднички да се подготвиме за новите трендови: „Отвораме сериозни теми и време е да носиме храбри одлуки. Државата има корист само ако бизнис секторот добро работи, ако имате добар обрт од услужните дејности. Тоа е вин-вин ситуација и за нас, и за вас, и за работниците“.