Делегација на РСМ учествува во донесувањето на важни одлуки на 64. Состанок на Комисијата за Европа на Светската туристичка организација (UNWTO)

28.05.2019 15:00:06

Загреб, 28.05.2019  Македонска делегација составена од државниот секретар на Министерството за економија Зоран Павловски и државниот советник за туризам и угостителство Шовкет Хазари учествува на 64. Состанок на Комисијата за Европа на Светската туристичка организација (UNWTO) која се одржува во Загреб, на која учествуваат претставници од над 40 европски земји. На состанокот се очекува да се донесат важни одлуки за иднината на европскиот туризам кои потоа треба да се потврдат на Генералното собрание на UNWTO, планирано за есенва.

Состанокот го отвори хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој им посака добредојде на гостите, ставајќи акцент на туристичките потенцијали на земјата-домаќин на состанокот. Пленковиќ истакна дека во Хрватска веќе се зборува за одржлив туризам и сѐ повеќе се работи на развојот на туризмот на континентот, посебно во Славонија, каде за оваа есен се планирани големи туристички збиднувања, додека во првата половина од следната година Хрватска  планира да биде домаќин на европските министри за туризам.

Според генералниот секретар на Светската туристичка организација Зураб Пололикашвили Хрватска е добар пример за развој на туризмот, а нејзините искуства за постигнатите туристички резултати и туристичкото законодавтсво можат да се добар модел и за останатите европски држави, додека проектите како што се комбинирање на спорт и туризам за промоција на земјата се очекува да најдат место во програмите на UNWTO.

64. Состанок на Комисијата за Европа на Светската туристичка организација (UNWTO) е изборен, aспоред распоредот утрешниот ден ќе продолжи со стручни состаноци на тема иновативност и развој на туризмот.

Членство во Светската туристичка организација при Обединетите нации имаат 156 земји, 6 територии и преку 400 здружени членки што го претставуваат приватниот сектор, образовните институции, туристички асоцијации и локални туристички надлежни органи. Нашата земја стана членка на оваа организација од 1995 година, а последниве години се позиционираше на листата на земји – пријатели на Светската туристичка организација, имајќи комплетна поддршка од оваа организација, и од технички и од политички аспект.