Напредок во политиките за МСП: поволно деловно опкружување и широк спектар на програми за поддршка со зголемен обем на финансиски средства

06.06.2019 13:11:11

Скопје, 06.06.2019         

„Република Северна Македонија постигна напредок во спроведувањето на Актот за мали бизниси од објавувањето на претходниот извештај - Индексот на политики за МСП: Западен Балкан и Турција 2016. Економијата продолжува да нуди деловно опкружување кое одговара на потребите на МСП, како и широк спектар на програми за поддршка кои добиваат поголем обем на финансиски средства“, министерот Бектеши ги истакна генералните констатации од извештајот од имплементацијта на Актот за мали бизниси, во чие изготвување учествуваа номинирани претставници од повеќе надлежни институции во текот на минатата година, а кој се разгледуваше наПромоцијата на „ИНДЕКСОТ НА ПОЛИТИКИ ЗА МСП ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН И ТУРЦИЈА - ПРОЦЕНКА НА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА АКТОТ ЗА МАЛИ БИЗНИСИ 2019“.

За потсетување, Европската Комисија во јуни 2008 година го усвои „Актот за мали бизниси“ (Small Business Act) кој со десетте области или принципи претставува нова ЕУ рамка на политики за МСП, а од 2014 година, со ревидираната методологија, се изготвуваат извештаи кои го опфаќаат интензитетот, квалитетот и ефектот на политиките, сѐ со цел  да се обезбедат повеќе препораки за политиката како и да се овозможи меѓународна споредба.

„Владата на Република Северна Македонија преку своите институции превзема бројни мерки и активности во насока на поттикнување на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста и поддршка и развој на МСП, па би можеле да кажеме дека доследно ги следевме насоките дефинирани со извештајот за имплементација на досегашната Повелба за мали претпријатија, односно на Актот за мали бизниси. Посебно голема придобивка за нас е што со извештаите и индикаторите поврзани со десетте принципи добиваме и конкретни насоки што треба да правиме и кон што да ги фокусираме нашите активности“, подвлече Бектеши, осврнувајќи се на стратешките документи донесени во последниве две години, кои придонесоа за напредок на земјава во подобрување на целокупниот деловен амбиент за МСП, преку поедноставување на одредени административни постапки, финансиска поддршка, законодавно усогласување.

Така, во новата Индустриска стратегија 2018-2027 година се интегрирани мерките од  Планот за економски раст, кои беа поделени во три столба, а сѐ со цел поддршка и поттикнување на инвестициите во земјата, а во делот на поддршка на МСП усвоени се и Стратегијата за развој на МСП 2018-2023 и Стратегијата за развој на женско претприемништво 2019-2023, годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво. Со цел поддршка и поттикнување на инвестициите во Македонија се имплементира План за економски раст, кој се базира на либерализација на приватниот сектор од „политички влијанија“, транспарентност во спроведувањето, неутралност и индискриминација, еднаков третман на домашните и странските инвеститори, силна координација на сите политики во рамките на индустриската политика, ефикасност и ефективност и сл. Меѓу другото, усвоена е и Стратегија за развој на туризмот 2018-2022, потоа пакетот закони за работни односи, за социјална заштита, а во фаза на изготвување е и Среднорочната стратегија за општествена одговорност 2019-2023.

Раководителот за соработка при Делагацијата на ЕУ во РСМ, Никола Бертолини  истакна дека во РСМ има околу 55 000 компании кои што во моментов функционираат, кои практично се мали и средни претпријатија и кои обезбедуваат околу 77% од вредноста на стопанството и подеднаква понуда на вработувања. Микро компаниите се одговорни за обезбедување на една третина од вработените од бизнис секторот.  Според Бертолини земјата ги има прифатено  десетте принципи на актот за мали бизниси, и од 2007 година редовно придонесува во изготвувањето на политиките за мали и средни претпријатија. Се на се бизнис средината за работата  на малите и средни претпријатија во земјата се уште е попречена од одредени фактори, на кои во иднина  ќе се работи  на нивно подобрување.

Во име на ОЕЦД на промоцијата се обрати раководителот за Југоситочна Европа, г-ѓа Кисиелевска. Таа се осврна на проценките од Извештајот чија цел е да придонесе за  развој на  динамичен приватен сектор во Западниот дел на Балканот и Турцијасо подобро креирање на политики и деловното окружување за малите и средни претпријатија.

„Уверена сум дека Извештајот за 2019 година ќе помогне дасе  зајакне конкурентноста на вашиот пазар и да се подобри деловната клима за малите и средни претпријатија. ОЕЦД ќе продолжи да служи како форма за подршка на регионалниот дијалог меѓу земјите на Западен Балкан иТурција, Европската Унија и ОЕЦД“, истакна Кислиевска.

Министерството за економија е координатор на сите активности поврзани со Актот за мали бизниси, во кои активно се вклучени претставниците од повеќе институции и меѓународните партнерски организации. Воедно, и во последниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија е нотиран напредок за истата оваа област, преточена во Поглавјето 20 – претпријатија и индустриска политика.