Бектеши: Со новиот Закон за возила се воведуваат еколошки налепници, субвенции за вградување на плински уреди во возилата и замена на стари со нови возила

31.07.2019 14:55:33

Министерот за економија Крешник Бектеши ги презентираше последните измени и дополнувања во Законот за возила кои што вчера беа усвоени од Собранието на Република Северна Македонија. Како што истакна министерот Бектеши законските измени се однесуваат за две важни подрачја, а тоа е сообраќајот и екологијата и се плод на барањата на граѓаните, со главна цел да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата.
Новини во Законот за моторни возила се воведување на субвенции за вградување на уреди на течен нафтен гас или компримиран земјен гас односно метан, субвенции за купување на ново возило, ако претходно користеното се одјави. Се воведува категоризација на возилата во зависност на стандардите кои ги исполнуваат кои ќе бидат одбележани со зелена, жолта и црвена налепница, а се воведуваат и жолти регистарски таблички за таксистите и унифицирана светлечка табла за такси возилата.
„Со мерката за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила се предвидува да се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и  се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво. Мерката за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило има за цел да се зголеми  увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздухот. Се предвидува да се субвенции од  2.000 – 3000 евра во денарска противвредност за набавка на ново возило, и во  првата година се предвидува да бидат  опфатени над 200- 500 возила“ истакна министерот Бектеши.
Во однос на категоризацијата на возилата, како што истакна министерот Бектеши, Министерството за економија ќе пристапи кон изготвување на правилникот согласно кој  ќе се воведе еколошката налепница за возилата, согласно еколошките стандарди. Законот предвидува возачите да ја имаат на своите возила на доброволна база, односно не е обврска на сите граѓани. Бојата на налепниците ќе зависи од категоријата на возилото.
„Прва еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 5 и повисоко, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или  погон на компримиран земјен гас, хибридните возила и електричните возила, како и возилата кои имаат вградена опрема која ја намалува емисијата на гасови во воздухот и ги достигнуваат стандардите на EURO 4,5 и повисоко. Втора еколошка категорија, ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 4 и ЕУРО 3, а трета еколошка категорија, ги опфаќа возилата со ниво на емисија на издувни гасови ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови“ информираше Бектеши.
Во периодот на високо загадување, како што потенцираше министерот со Одлука на Општините во период кога ќе се донесе, граѓаните кои ќе можат да влегуваат во таа општина и тие денови ќе мораат да имаат зелена налепница.
„На барање на здруженијата за авто -такси превоз се воведуваат жолти таблици за такси возилата, со цел да се постигне ред во такси превозот, односно да се препознаваат лиценцираните и регистрираните такси возила, и ќе се спречи нелојалната конкуренција во оваа дејност односно забрана за вршење на нерегистрирана дејност. Исто така се воведува и унифицирана светлечка табла за такси возилата“ информираше министерот Бектеши.
Субвенционирањето се очекува да започне од почетокот на следната година, но можно е и порано ако се обезбедат средства со најавениот ребаланс на буџетот.