Работна средба на министерот Кучи со директорот на МЕПСО Спасов

26.05.2016 14:16:20

 Министерот за економија Дритон Кучи денеска оствари средба со генералниот директор на АД МЕПСО Синиша Спасов. Станува збор за прва заедничка средба, на иницијатива на министерот за економија, а со цел претставување на состојбите на актуелните заеднички проекти и утврдување на динамиката за нивна реализација.

Директорот на МЕПСО Спасов го запозна министерот Куќи со проектите кои  што се реализирани, но ги презентираше и тековните активности на државниот електропреносен систем, како и проектите кои се планирани за идниот период, а се однесуваат на изградба на интерконективни далеководи, и тоа со Република Албанија, Република Косово и другите земји. Тема на разговор беа и активностите за реконструкција на постоечките и изградба на нови далеководи на територијата на Македонија.

Кучи и Спасов ставија акцент и на подготовките на самитот во Париз, особено во делот на меките мерки во делот на електриката, прекуграничното балансирање и другите обврски коишто произлегуваат од членството на Македонија во Енергетската заедница.

 Скопје, 26.05.2016