Бектеши: Објавен огласот за субвенции на печки на пелети во домаќинствата, половина од средствата наменети за ранливи категории на граѓани

26.09.2019 15:18:27

Скопје, 26.09.2019  Министерството за економија денеска го објави Јавниот повик за надомест на дел од трошоците за купување на печки на пелети, со кои домаќинствата  ќе ги заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут.

Како што информираше денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши, со цел да се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година.

Со оваа Програма, се предвидува на жителите кои ќе купат печки на пелети со кои ќе се заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, да им се овозможи надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети до 50%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2019 година. Во Буџетот на Министерство за економија за 2019 година за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 30.000.000 денари.

Оваа година за прв пат се воведува новина во доделувањето на субвенциите каде што половина од предвидените средства ќе бидат наменети за ранливите категории на граѓани.

„Во септември беа направени измени на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност со што за прв пат по однос на оваа мерка се дава можност на лицата со ниски примања, да можат да остварат право на надомест на дел од трошоците за купени печки на пелети пелети до 50%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за 2019 година. За оваа категорија на баратели во Буџетот се обезбедени 15.000.000 денари, а како главен услов за остварување на надомест е лицата со ниски примања да се вработени или едниот брачен другар да е вработен и нивните месечни примања во семејството да не го надминуваат нето приходот од 30.000 денари“ информираше Бектеши.

Право на учество во оваа категорија како што кажа министерот Бектеши имаат лицата кои ќе купат печки на пелети по денот на објавување на јавниот оглас.

Додека пак согласно Програмата, право на учество освен ранливите потрошувачи имаат и сите оние лица кои купиле печки на пелети во периодот од 1 јануари 2019 година до денот на завршување на јавниот оглас и за оваа категорија на баратели, исто така во Буџетот се обезбедени 15.000.000 денари.

„Доделувањето на надоместокот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’ и по искористувањето на средствата за оваа намена ќе бидат изготвени решенија за исплата на надоместокот, информираше Бектеши.

Во 2018 година за прв пат беше воведена оваа мерка. Истата година беа објавени два Јавни огласи за надомест на дел од трошоците за купени печки на пелети во домаќинствата. Буџетските средства за оваа намена  во 2018 година за двата огласи беа во вкупен износ од 21.000.000 денари. Вкупно поднесени апликации беа 2.158, а субвенционирани беа 642 домаќинства